02.05.2024
Почетна / Градина / Вести / Од сеидба до расадување

Од сеидба до расадување

Пикирање на расадот во саксии или контејнери со поголеми димензии се врши по вкрстувањето, односно појавата на првиот пар на вистински листови. Со ова се овозможува подобар развој на кореновиот систем и со саксиите има можност за повремено разредување заради зголемување на вегетациониот простор, како и одложување на расадувањето во случај на појава на ниски температури. Неопходно е калење на расадот, односно подготовка за приспособување на условите по расадување, при што се врши поголемо проветрување и намалување на воздушната и почвената влажност, снижување на температурата за 2-3 ºC, како и намалување на количеството на вода и хранливи материи.

Треба да се внимава и на староста на расадот. Помладиот расад полесно се прифаќа, вкоренува и потоа ќе даде поголем принос. Со цел да добијат порано производство, градинарите грешат кога расадот го сеат многу порано од потребниот рок, па потоа го измачуваат со ограничување на влагата и со одржување на пониска температура. Овие растенија даваат мошне ниски приноси. Грешките во производството на расад тешко се надоместуваат по расадувањето, без разлика на вложениот труд и материјалните средства, дури и во современи технолошки услови на одгледување со достапност на најквалитетни репроматеријали. Заштитата на расадот е најделикатната операција. Најдобро е да се врши интегрална заштита на расадот, која предвидува програмирани превентивни агротехнички и хемиски мерки за сузбивање на болестите и штетниците на расадот. Тоа значи обезбедување на оптимални услови при одгледувањето (температура, влага, светлина), редовно вршење на агротехничките мерки (избор на сорти, плодоред, отстранување на заболени растенија, плевење, проветрување, следење на појава на болести и штетници и др.), вршење на превентивна хемиска заштита и заштита од конкретна појава на болести или штетници.

Пред употребата на пестициди задолжително треба да се направи консултација со стручни лица заради правилна примена и внимателно да се прочита упатството. Треба да се внимава да не се прска по облачно време, при роса, при висока температура и сл. Специфични болести кои предизвикуваат “полегнување на расадот” (предизвикани од комплекс на фитопатогени габи кои го уништуваат коренот и приземниот дел од стебленцето и доведуваат до брзо пропаѓање на нападнатиот расад).

Според местото на паразитот, болестите се делат на две подгрупи:

1. Трахеомикози, кои ги населуваат спроводните садови и приземниот дел од стебленцето: fusarium и verticilium. Се сузбиваат со специфични системски фунгициди: Benomil, Fundazol или Enovit.

2. Фитопатогени габи, кои предизвикуваат локални некрози на приземниот дел на стебленцето и коренот: pitium, phytophthora, botrytis, sclerotinia, rhizoctonia. За превентивна заштита и сузбивање на овие фитопатогени габи се користат специфични фунгициди: Previcur, Ridomil combi, Alliete.

За ефикасна заштита од предизвикувачите на полегнување на расадот треба да се користи комбинација од два фунгицида, кои дејствуваат на една од двете групи на фитопатогени габи, предизвикувачи на полегнувањето, како на пример: Previcur и Benomil или Ridomil combi и Enovit или Alliete и Fundazol. Првите инфекции фитопатогените габи, предизвикувачи на полегнувањето на расадот, ги остваруваат уште при ‘ртењето и никнувањето на растенијата, се развиваат во почвата и нејзината површина и нанесуваат значајни штети. Поради тоа најефикасен метод на третман со фунгициди е полевање на почвата или супстратот. Полевањето може да се изведува пред сеидбата, по никнувањето, па се до пред расадувањето со вадалка со решетки или со пумпа за прскање без брен. Фунгицидите се одмеруваат според препорачани концентрации и се раствораат во млака вода.

Види

Како да направите домашен јаболков оцет

Зрели и паднати јаболка, непогодни за потрошувачка или друга обработка, обично се користат за оваа …