02.05.2024
Почетна / Градина / Вести / Од сеидба до расадување

Од сеидба до расадување

Температурата на супстратот и воздухот е еден од основните елементи кои во современите објекти за одгледување на расад автоматски се нагодуваат. Оптималната вредност зависи од растителниот вид, фенофазата на развој и други фактори. Температурата на супстратот во периодот на никнување треба да биде 22-25 ºC.

За топлољубивите култури (краставица, пиперка, модар патлиџан и др.) дневните температури на воздухот треба да се одржуваат од 22 до 25 ºC, додека ноќните од 16 до 18 ºC. Доматите се поотпорни на студ, па овие вредности може да бидат пониски за 2-3 ºC, а видовите што се отпорни на студ, како што се зелковите култури кои поднесуваат многу пониски температури, може да се одгледуваат без догревање во раноградинарското пластеничко производство.

По поникнувањето на 80-90% од семето, за да се спречи циглењето на расадот, температурата на воздухот и супстратот треба да се снижи. Температурата на воздухот ноќе се намалува на 12-14 ºC, а преку ден 18-22 ºC при облачно време и 22-25 ºC при сончево време. Неопходно е да се почитува правилото при помала осветленост, во услови на заоблачување, температурата да биде пониска и обратно, затоа што недостигот на светлина во услови на висока температура предизвикува издолжување на растенијата, што подоцна негативно се одразува на производството.

По појавата на првите вистински листови (вкрстување), ноќните температури може да се одржуваат на 14-16 ºC, а дневните остануваат исти. Температурата на супстратот не треба да биде пониска од 15 ºC. Релативната влажност на воздухот, во зависност од културата и фенофазата, треба да се движи од 60 до 85%. Квалитетот, јачината и должината на траењето на светлината претставуваат важен елемент од потребните услови за производство на расад.

Недостигот на светлина во услови на изобилна исхрана со азот предизвикува издолжување на расадот и губење на првата китка, што може да претставува голем проблем. Наводнувањето треба да биде контролирано и селективно, односно на оние растенија каде што има потреба. Полевањето не треба да се врши со студена вода, туку млака (околу 20 ºC).

Наводнувањето треба да се врши во текот на сончевиот и топол дел од денот, за да има време супстратот да се затопли до ноќта. Динамиката на наводнување се одредува според потребата, визуелно, по влажноста на супстратот и изгледот на растението. Балансирана исхрана во расадопроизводството значи зголемено количество на фосфор, а намалена употреба на азот. Односот на N, P, K = 1:2-3:1, обично N, P, K = (15:30-45:15). Освен фосфорот, во овој период се препорачуваат и ѓубрива со хумусна киселина. Тие се препорачуваат при послаб развој на расадот и пред расадување со што се овозможува подобра прифатеност. Фосфорот и хумусната киселина влијаат стимулативно на развојот на кореновиот систем, на оптималниот развој на надземниот дел и првиот цвет.

Види

Како да направите домашен јаболков оцет

Зрели и паднати јаболка, непогодни за потрошувачка или друга обработка, обично се користат за оваа …