Побрз проток на пратките, пониски трошоци, поконкурентни домашни производи – ова се дел од придобивките кои што македонските извозници ќе ги имаат со поптишувањето на двата договори од областа на безбедност на храна и фитосанитарната соработка, со Република Србија.
Договорите се усогласуваат и до 30-ти јуни годинава треба двете држави да ги потпишат.
Потпишувањето на двата договора всушност значи признавање на сертификатите на двете земји, односно ќе престане потребата за двојно земање на примероци и анализа на прехранбените производи, што во голема мера ќе ги намали дополнителните и непотребните трошоци со кои се соочуваат компаниите извозници од двете земји.
Конкретно, со потпишување на Договорот за соработка за безбедност на храна и ветеринарство, за 15 дена се крати времето на чекање за лабораториско испитување. На овој начин македонските млечни производи како јогуртот и киселото млеко кои имаат краток рок за користење и воопшто не можеа да се појават на пазарот во Србија поради долгиот период на чекање на граница, со потпишување на договорот, овие производи конечно ќе можат да се продаваат и да бидат конкурентни на српскиот пазар.