02.05.2024
Почетна / Градина / Вести / Заштитата на лилјаците од Белица

Заштитата на лилјаците од Белица

Заштитеното подрачје „Споменик на природата – Белешничка Река“ се наоѓа во карстно подрачје, каде што се формирале голем број пештери и јами.

Токму во нив, во темнината на подземјето одредени претставници на фауната се прилагодиле на посебните услови и со своите уникатни адаптации успешно опстануваат.

Лилјаците тука си го нашле совршеното скривалиште и место за живеење. Три пештери се особено важни за опстанокот на лилјаците: Голубарник, Момичек и Лапарник (Орле).

Пештерата Голубарник е живеалиште на видовите мал потковичар (Rhinolophus hipposideros), јужен потковичар (Rhinolophus euryale), мехелиев потковичар (Rhinolophus mehelyi) и долгокрилест лилјак (Miniopterus schreibersii).

Лилјаците ја користат пештерата како место за презимување (хибернација), одгледување на младите и засолниште во топлиот период на годината.

Мал потковичар во пештерата Голубарник во с. Белица, Македонски Брод

Во пештерата Лапарник лилјаците се среќаваат во текот на целата година. Пештерата е особено значајна поради присуството на голема колонија од видот јужен потковичар (Rhinolophus euryale) кои ја користат за презимување, размножување и засолниште. Исто така се среќаваат и мал потковичар (Rhinolophus hipposideros) и долгокрилест лилјак (Miniopterus schreibersii).

Јужен потковичар во пештерата Лапарник во с. Белица,

Македонски Брод Во пештерата Момичек нема постојани колонии. Таа е постудена во однос на другите две пештери и е несоодветна за постојано живеалиште така што лилјаците се среќаваат поретко, како поединечни појави. Во цел Свет лилјаците се едни од најзагрозените животни. Тие се соочуваат со многубројни закани како резултат на антропогеното влијание. Прекумерната употребата на инсектициди, ветерниците и уништувањето на природните засолништа се причинини поради кои нивниот број драстично се намалува.

Ако се прашувате „зошто се тие значајни?“, доволен аргумент е фактот дека тие се исхрануваат со инсекти. На тој начин тие претставуваат регулатори на порастот на популациите на инсекти и ја одржуваат рамнотежата во еден екосистем. За заштита на лилјаците во ЗП „Споменик на природата Белешничка Река“ во околината на с. Белица во Општината Македонски Брод, Спелеолошко друштво „Пеони“ успешно спроведе проект во рамките на кој се применети соодветни мерки за заштита на нивните живеалишта – пештери, според стандардите на EUROBATS. За таа цел во пештерата Голубарник пропишано е контролирано сезонско ограничување на дозволеното посетување, додека во пештерата Лапарник се дозвелени само мали контролирани групи посетители во летен и есенски период.

Извор: Истражувачко друштво на студенти биолози (ИДСБ)

Види

Како да направите домашен јаболков оцет

Зрели и паднати јаболка, непогодни за потрошувачка или друга обработка, обично се користат за оваа …