03.05.2024
Почетна / Градина / Вести / Вег(етариј)анство: Ем крепко здравјето, ем заштитени се животните
Healthy vegetarian food background. Vegetables, hummus, pesto and lentil curry with tofu.

Вег(етариј)анство: Ем крепко здравјето, ем заштитени се животните

Уште од најстари времиња, човештвото делумно прибегнало кон исклучување на производите со животинско потекло од својата исхрана.

Науката верува дека пионери на ваквото движење биле Индијците: отфрлајќи од својата исхрана месни и млечни продукти и развивајќи идеја за заштита на животните од насилство, тие настојувале да искажат почит кон соживотот на човековиот единствен дом — планетата Земја.

За многумина, вегетаријанството е првиот чекор кон сочувствително живеење, кон почитување на другите видови што заедно со човекот ја делат истата средина. Овој концепт, чие највисоко начело е исфрлање од исхраната сè што има нервен систем, ги обезбедува сите десет есенцијални протеини што му се потребни на човековото тело за оптимално здравје, но ова е само еднострано видување на феноменот.

Прашањето што се надвиснува над целата проблематика е: дали треба да се фокусираме единствено на придобивките што ги добиваме од ваквата исхрана или треба да ја запазиме, пред сè, од етички аспект? Впрочем, многу религии, верувања, здруженија и организации потенцираат дека го поддржуваме убивањето животни доколку во исхраната вклучуваме животински продукти. Така, една од најсилните причини зошто луѓето одлучуваат да станат вегетаријанци е признанието дека користењето на животните за неесенцијални човекови потреби доведува до жртвување на самите животни. Етичката тема за заштита на животните наголемо се наметнува, но на крајот на денот е сосема јасно — секој хамбургер, секоја чаша млеко и секое јајце, секоја кожена јакна, забавните претстави во циркусите и редица други појави резултираат со мачење или со страдање на животните. Драгана Велковска, член и активист на Здружението за заштита на животни „Анима мунди“, во таа насока дава мошне пластичен пример од стварната практика.

„Кравите не се убиваат при производството на млеко, но се измачуваат, живеат во супстандардни услови, осудени на мизерен живот на млечните фарми, постојано принудувани на расплод и третирани со разноразни лекови. Бидејќи ги има во огромен број во иста просторија, шансите за појава на опасни заразни болести и инфекции кај нив се исклучително големи. Кравата не може да произведува млеко ако не роди теле — млекото што таа го дава е наменето за нејзиното младенче. Така, на телињата што кравите ги раѓаат им следува кланица. Со процесот на стареење, кравата сѐ уште може да дава млеко, но со помал интензитет од претходно, така што, не задоволувајќи го ламтежот на профитерите што во животните гледаат само извор на приходи, завршува во кланица“, објаснува Велковска.

Веганството, само по себе, е животен став

Чекор понапред во намерата да се заштитат животните одат етичките приврзаници на веганството, кои ги променуваат сите аспекти од животот за да докажат дека тие не само што не консумираат туку и во ниеден домен не користат животински производи или, пак, производи тестирани на животни. Со ова тие ја поткреваат свеста за светот околу себе, настојуваат подобро да разберат како функционира општеството и како сето тоа влијае на индустриите поврзани со животински производи. Исхраната на веганите се состои од најразлични комбинации на житарки, зеленчук и овошје, направени со претпазливо расудување. Од „Анима мунди“ појаснуваат дека етиката кај веганите е развиена до тој степен што тие настојуваат да се оградат од секаков вид неправда или насилство врз животните.

„За етичкиот веган, секоја форма на живот има своја вредност — за него е исто дали ќе повреди мравка или слон. ’Да се живее и да им се дозволи и на другите да живеат’ е максимата според која се водат етичките вегани. Според многумина, тие се наредниот степен од човековата еволуција. Кај нив повеќе го нема примитивниот и свиреп нагон за ловење, за убивање или за изживување врз други живи суштества. Веганите се залагаат за мирољубивост, за живот во склад со природата и во хармонија со сите живи суштества околу себе. Најчесто се свесни и за животната средина, па веганството неретко се поврзува со нејзината заштита, како и со внимателното и совесно користење на природните ресурси“, тврди Велковска.

Здрав живот се води од убедување, а не од мака

Вегетаријанците и веганите сѐ уште се малцинство во однос на оние што јадат месо, иако постојат цели етнички и религиски групи што се хранат на овој начин. Состојбата во Македонија, благодарение на достапноста на информациите и на дејствувањето на организации како „Анима мунди“, полека, но сигурно, почнува да се движи по нагорна линија. Оттаму велат дека во последната деценија се забележани првите ресторани за макробиотска, за вегетаријанска и за веганска храна. Во обичните ресторани и во маркетите има сѐ поголема понуда за веганите и за вегетаријанците, а во исто време се отвораат и сѐ повеќе продавници за здрава храна. Велковска уверува дека дури и луѓето што воопшто не ги интересира етика почнуваат да се пренасочуваат кон ваков вид храна.

„Едноставно, маката ги тера на тоа. Првото нешто што тешко заболен најчесто го слуша од својот лекар е дека не смее да јаде месо. Секојдневие станаа написите во печатените и во електронските медиуми за тоа дека одредена храна (млеко или месо) се повлекува од пазарот поради пронајдени опасни состојки што предизвикуваат рак или низа други неизлечиви болести. Ако ’љубовта кон ближниот свој‘ не ве поттикне да станете веган, тогаш бидете сигурни дека болеста може да ве присили. За ’Анима мунди‘, како здружение за заштита на животните, етиката останува да зрачи како централна причина поради која луѓето би требало да се преориентираат кон ваквиот начин на живот“, порачува Велковска.

Во последните неколку години, Македонија сведочи зголемување на свесноста меѓу популацијата за потребата од симбиоза и од заштита на животните преку преземање на вегетаријанскиот животен стил — индивидуално, но и преку активностите на здруженијата што се залагаат во таа насока. „Анима мунди“, само едно од нив, е национално непрофитно здружение основано во октомври 2009 година.

Неговото членство настојчиво се бори и придонесува кон променување на индивидуалната и на колективната човекова свест преку информирање за вистинската природа на животните — суштества што чувствуваат болка, патење и страв. Крајната цел на „Анима мунди“ е укинување на сите форми на злоупотреба, на измачување и на експлоатација на животните од страна на човекот. Еден од нивните најголеми проекти минатата година беше првиот фестивал за вегетаријанска и за веганска храна во Македонија, „Скопје Вегефест“, за кој се очекува да прерасне во традиционален настан.

Меги Попоска, студент на дисперзираните студии по нутриционизам во Битола, при Технолошко-техничкиот факултет во Велес Фотографија: Сара Коцевска

Извор: izlez.mk

Види

Како да направите домашен јаболков оцет

Зрели и паднати јаболка, непогодни за потрошувачка или друга обработка, обично се користат за оваа …