28.04.2024
Почетна / Градина / Вести / Откривање и спречување на маститис

Откривање и спречување на маститис

Eдна од најчестите причини за намалување на продукцијата кај млечните крави, како и многу честа причина за одлачување на кравите (шкартирање), претставува маститисот. Борбата против маститисот е долг и континуиран процес. Подобрувањето на хигиената и воведувањето добра сточарска практика во производството е основен чекор во спречувањето на појавата на ова заболување. Секако дека постојните заболени крави многу тешко може да се излечат, но сепак, воведувањето одредени мерки, што е долготраен процес кој може да трае со години, може да ја намали стапката на ново инфицирани крави.

Откривање на маститисот

Еден од наједноставните начини за откривање на постоење на некаква инфекција на вимето е преку контрола на квалитетот на млекото. Зголемениот број соматски клетки во млекото претставува сигурен показател за појава на некакви воспалителни процеси на вимето. Приближно 98% од соматските клетки претставуваат леукоцитите, чиј број се зголемува како резултат на бактериска инвазија. Останатите 2% се епителните клетки, коишто се резултат на регенерација на вимето. Високиот број соматски клетки во млекото е тесно поврзан со намалувањето на продукцијата на млеко. Бројот на соматски клетки, во примерок земен од збирното млеко, од лактофризер, е добар индикатор за постоењето или отсуството на маститис во стадото. Доколку бројот на соматски клетки изнесува над 200.000 клетки/ мл, тоа е сигурен показател за постоење на супклинички (невидлив) маститис.

Бројот на соматски клетки под 400.000 клетки/мл млеко е типичен за фарми кои имаат добра хигиенска практика, ноmastitis3 сепак, ова не значи дека во стадото не постојат крави со супклинички или клинички маститис. Кај стада кај кои се води континуирана превенција од појава на маститис, бројот на соматски клетки може да изнесува и под 100.000 клетки/мл млеко. Во отсуство на континуирана превенција на маститисот, овој број може да изнесува и над 500.000 соматски клетки во 1 мл млеко, што значи дека маститисот е присутен кај над 30% од грлата, а загубата на млеко може да изнесува и над 10% како резултат на супклиничи маститис. Секако дека контролата на појава на маститис преку следење на бројот на соматски клетки во збирното млеко не може да ни ги покаже заболените крави, но претставува добра алатка за контрола и превенција на маститисот во текот на месецот.

Бројот на бактерии во млекото претставува уште еден начин за детекција на можната појава на маститис. Најчесто, инфекциите се предизвикани од повеќе типови бактерии, како што се: Streptococcus agalactiae, Staphylococcus aureus, Streptococcus dysgalactiae, како и колиформни бактерии (Escherichia coli, Enterobacter, Klabsiella). Во фарми со добра хигиенска и производна практика, бројот на бактерии во 1 мл млеко може да се намали и до 1.000 бактерии/мл.

Детекцијата на појавата на маститисот кај кравите најлесно се прави преку физичка контрола на вимето. Заболеното виме е отечено, топло, зацрвенето, а на допир е болно. Друг и најчесто користен начин е користење темна подлога и измолзување на првите млазеви млеко. Доколку се забележи појава на згрутчени парчиња млеко, лигаво млеко и слично, тоа е сигурен знак за појава на инфекција.

Во текот на годината, пожелно е барем два пати да се користи „Калифорнија маститис тест”, при што од секоја четвртина од вимето се зема примерок за анализа. Млекото од инфицираните четвртини формира гел, што многу лесно може визуелно да се забележи. Оваа реакција е резултат на зголемениот број соматски клетки во млекото, а позитивната реакција е индикатор за појава на маститис. По откривањето на маститичните крави, најдобар начин за лекување на кравите е правење антибиограм, со цел да се изолира предизвикувачот на инфекцијата, видот на бактеријата, за да се третираат со соодветен антибиотик.

Сепак, лечењето на кравите треба да се препушти на ветеринар.

Пишува: дипл. инж. агр. Зоран Налетоски, дипл. инж. агр. Ана Палашевска, за ФФРМ

Види

Букет со зачини

Станува збор за букет од свежи зачини и останати состојки кои се додаваат во супи, …