26.04.2024
Почетна / Градина / Вести / Видео-градот како еден од најопасните метеролошки феномени

Видео-градот како еден од најопасните метеролошки феномени

Во провинцијата Хенан во Кина, 22 (според некои извори 25) луѓе биле убиени од град, а уште девет умреле за време на бура во 2003 година во Префектурата Дингзи. Во 2009 година бура со град предизвикала 14 жртви и уривање на зграда во провинцијата Анхуи. На 14 април, 1986 година, парчиња мраз со големина на грејпфрут паѓале во Гопалганџ, Бангладеш. Огромните парчиња мраз кои тежеле речиси еден килограм убиле 92 луѓе.

Во Гинисовата Книга на Рекорди едно парче мраз од оваа бура е заведено како најтешко со тежина од 997 грама. Во 1932 година, Кина била погодена од бура со град за која се мисли дека убила над 200 луѓе, бројка блиска до онаа од Езерото на Скелетите. Во Клаусенбург, Романија, во 1928 година шест деца умреле за време на прослава на Први Мај. Ако одиме уште наназад во историјата, наидуваме на официјално најсмртоносната бура со град, на 1 мај, 1888, град убил 246 луѓе во Морадабад, Индија. Не е сигурно колку од овие луѓе биле директно убиени од парчиња мраз, а колку биле онесвестени поради удар, а потоа закопани под мраз по што смрзнале, но сепак, бројката е огромна.

Град се формира во центарот на облаците од кои настануваат бури, од капки вода чија температура е под нулата. Овие капки остануваат во течна состојба се додека не допрат нешто цврсто – „јадро на кондензација“ може да биде било која цврста честичка, прав, сол, па дури и саѓи – по што капките инстантно се кристализираат од течност во мраз. Ако капките не најдат цврста честичка, тогаш паѓаат во облик на „замрзнат дожд“, и се претвараат во мраз кога ќе удрат во тврд предмет (куѓи, автомобили, електрични и телефонски кабли па дури и луѓе).

Овој процес формира мали парчиња мраз познати како зрнца мраз – непријатни, но далеку од смртоносни. Но, струењето на воздухот може да ги однесе овие зрнца мраз нагоре со брзина од над 160 километри на час, каде што тие зрнца стануваат јадра за кондензација за други капки смрзната вода. Новите парчиња мраз почнуваат да паѓаат, но ако има доволно силно воздушно струење тие можат повторно да бидат однесени нагоре. Овој процес може да се повтори неколку пати, со што парчето мраз станува сè поголемо. А во екстремно ретки случаи ваквите големи парчиња мраз можат да се судрат и да формираат огромни парчиња мраз.

Која големина можат да ја достигнат овие парчиња? Според книгата „Чудно Време“ на Пол Сајмон, на 17 март 1939 година, парче мраз со тежина од 3,4 килограми паднало во Хидерабад, Индија. На 4 јуни, 1953 година, грутки мраз со тежина на возрасен човек паднале во јужна Калифорнија. Но, дефинитивно најголемото парче мраз кое паднало од небото било документирано во 1849 година во Единбуршкиот Нов Филозофски Журнал:

„Веднаш по најгласниот удар на гром, големо парче мраз со неправилна форма, со обем од околу 6 метри, падна во близина на куќата. Мразот имаше убав кристален изглед, и беше речиси провиден, освен неколку парчиња град кои се залепиле за него. Беше составен од мали парчиња со облик на дијамант големи од 2,5 до 7,5 сентиметри, кои смрзнале заедно. Тежината на ова парче мраз не можеше да биде измерена, но среќна околност е што не паднало врз куќата на господин Мофат, бидејќи сигурно ќе ја срушеше и ќе ги убиеше луѓето кои се наоѓале внатре.“

Иако џиновски парчиња мраз како ова се аномалија, и смрт предизвикана од град е ретка појава, честите бури со град прават проблеми на потрадиционален начин, уништувајќи градби, посеви и добиток. Во САД, штетите предизвикани од град се речиси милијарда долари годишно, повеќе дури и од торнадата. На 10 април 2001, бура со град го погодила Сеинт Луис, Мизури, предизвикувајќи штети од речиси две милијарди долари, со што стана една од најскапите вакви бури во историјата.

Интересно е што градот има влијание и врз историјата. Во јули 1788 година, бура со град ги уништила посевите во Франција, што било причина за најслабата жетва од 1748 до тогаш. Како резултат на ова фармерите и селаните, кои веќе биле фрустрирани од недостаток на помош од благородништвото, останале без храна и почнале да се бунтуваат… И така започнала Француската Револуција.

Извор: weather4all.com

Види

Букет со зачини

Станува збор за букет од свежи зачини и останати состојки кои се додаваат во супи, …