Солунска Глава (2540 m) е највисокиот врв на планината Јакупица. Тој е остар (со конусен изглед), карпест и карстифициран. Од врвот може да се гледа поголемиот дел од територијата на Република Македонија, а за многу ведро време, според кажувањата се гледа дури до Солунскиот Залив. Поради својата положба и доминантност, Солунска Глава има стратешко значење за нашата држава. На самиот врв и во неговото подножје има неколку огромни пропасти – најдлабоки во Македонија. На југоисточната страна, се јавува амфитеатрален отсек длабок скоро 1000 м, во чие подножје е изворот на реката Бабуна.
Кајмакчалан (2520 m) е највисок врв на планината Ниџе. Просторно се наоѓа во средишниот дел на планината, на самата граница со Република Грција. Врвот е оголен, стрмен посебно кон долината на Коњарка на север и релативно пристапен, бидејќи до него води макадамски пат кој започнува кај с. Скочивир. На самиот врв има црква, гробница и неколку други помали објекти како обележја од Првата Светска војна. Во близина има интересни денудациски форми, а северно се воочливи траги од еден поголем цирк.
Голем Крчин (2341 m) е највисок врв на планината Крчин. Се наоѓа во северниот дел на планината, над селото Ростуше, на границата со Република Албанија. Врвот е стрмен, оголен и карпест, бидејќи е подложен на силно температурно и мразно разорување. Под врвот е извориштето на Ростушка Река на која има повеќе импресивни водопади.
Црни Врв (2257 m) е највисок врв на планината Јабланица. Се наоѓа во средишниот дел на планината, над селото Вевчани. Врвот е остар, многу интересен и со широк панорамски видик, особено кон Охридското Езеро. Во подножјето на врвот е убавото Вевчанско глацијално Езеро. Поради мразното разорување, по страните на врвот се јавува распаднат карпест материјал-камени реки и сипари.
Магаро (2254 m) е трет по височина врв на планината Галичица (највисок е Плаја е Пусит, 2288 m) и втор на територијата на Република Македонија, по врвот Кота (2265 m). Врвот е доста убав, релативно стрмен, посебно кон западната страна и изграден од тријаски варовници. Од него има прекрасен видик кон Охридското Езеро на запад и Преспанското Езеро на исток. Околу врвот има интересни форми на карстна ерозија, периглацијални појави и фосилни глацијални форми: 2 цирка, валов и морени.
Руен — највисок врв на Осоговските Планини со висина од 2.252 метри. Врвот се наоѓа на самата граница меѓу Република Македонија и Бугарија,
Зелен Брег (2166 m) е највисок врв на планината Кожуф. Се наоѓа во средишниот дел на планината, југоисточно од с. Конопиште (Кавадаречко). Врвот е заоблен, лесно пристапен и покриен со високопланински пасишта. Северно од него е изворот на реката Дошница – лева притока на Бошава. Кон југ се протега одличен и восхитувачки панорамски видик кон острите ограноци на Кожуф и кон Солунско Поле.
Меденица (2163 m), е највисокиот врв на планината Бистра. Се наоѓа во нејзиниот западен дел, над селото Галичник. Изграден е од тријаски варовници, како и целиот највисок дел од планината. Врвот е остар, а од неговата источна страна се протегаат неколку мали цирка и карстни полиња. До врвот најлесно се доаѓа преку преминот Церовец.
Автор на тектстот: д-р Ивица Милевски
Извор: http://www.igeografija.mk
gradina.mk Gradina