Мочуриштата во светот ги намалија површините со 6% за 15 години, односно површината им е намалена за 330 илјади квадратни километри, покажуваат резултатите од студијата спроведена од страна на научници од Францускиот национален центар за истражување.
Мочуриштата и лагуните опфаќаат помалку од 5% од копното на планетата, но играат важна улога за човечката дејност, биодиверзитетот, климатскиот и кружен тек на водата, се истакнува во соопштението на центарот.
Всушност овие зони, кои произведуваат една третина од метан во атмосферата – еден од главните стакленички гасови, влијаат на инфузија на свежа вода од контиентите во морето и ја менуваат локалната клима, зголемувајќи ги пареите.
Научниците за прв пат ги мапираа овие зони помеѓу 1993 и 2007 година, а ги анализирале резултатите од сателитски опсервации.
Така констатирале дека површината на овие зони варира во текот на годината и од една година на друга, промената е голема за време на феноменот Ел Нињо. Научниците заклучиле дека површината на овие зони е намалена за 6% за 15 години, особено во области со тропски и суптропски клими. Освен тоа, намалувањето е најголемо таму каде што е регистрирано најголемо зголемување на населението.