Нови 150 рози, вчера, беа засадени во Паркот на Лајонизмот во Македонија по повод 18-тиот роденден на Лајонс клуб „Вардар “.
Традиционално, членовите на овој клуб, трета година по ред, на празникот Цветници садат рози во дворот на кампусот факултети (Факултетот за електротехника и информациски технологии, Машинскиот факултет, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Технолошко-Металуршкиот факултет), каде е лоциран Паркот на Лајонизмот, во кој досега се засадени околу 500 рози.
Во акцијата на садење рози учествуваа членови на целата Лајонс заедница од Дистрикт 132 – Македонија, кои засадија црвени, бели и жолти рози. Исто така, почна и уредувањето на просторот со бекатон патека и клупи со маса за одмор на студентите од кампусот. Со ова, според првиот човек на Лајонси во Македонија, гувернерот Слободан Вуќикевиќ, се негуваат традицијата, убавината и грижата за иднината.
На овој настан беше презентирана веќе познатата „Цветна патека на мирот“ на уметникот Живко Поповски – Цветин, а беше прочитана и поезија од поетесата Анита Бошкова. Акцијата на садење рози ја поддржа и учествуваше и деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски.
Значајно за вчерашниот ден е и тоа што, пред 20 години, во Македонија е основан првиот Лајонс клуб во земјава. Со оваа активност на садење рози се одбележува и 100 годишнината на Лајонизамот во светот, 20 години во Македонија, 10 години самостоен Дистрикт 132 Македонија и 18 години од постоењето на Лајонс клубот „Вардар“.