Надвор од ѕидините на стариот град Малан, во Тоскана, среде малите маслинови дрвја, се наоѓа црквата Sаntissima Annunziata, подигната во 15 век. Оваа маслинова градина не би била ништо посебно доколку во неа не се наоѓаше едно неверојатно дрво.
Се проценува дека тоа дрво – Olea europaea – едно од најстарите во Тоскана, има повеќе од три и пол илјади години. Тоа е можеби најстарото маслиново дрво во светот.
Стеблото на дрвото е огромно. Oбемот му изнесува осум и пол метри. Не е многу високо, со оглед на тоа дека маслиновите дрвја достигнуваат висина до дваесет метри. Стеблото е прилично криво, со глуждови и со бројни израстоци, како карпа или некоја необична скулптура.
Живиот дел од дрвото е насочен кон југ. Всушност, со текот на вековите старите делови на дрвото ги заменуваат оние младите, па излгеда како маслинката да се преместува според светлината, оставајќи ги на север своите мртви делови.
Лесно е да претпоставите дека за дрвото постојат безброј приказни. Не се баш сите измислени. За некои постојат и записи. Во еден запис се вели дека своевремено за Велигден на дрвото свиреле безмалку четириесет музичари, членови на градскиот оркестар. Музиката како да допирала од небото. Денес веќе нема толку гранки на дрвото за да би можеле да застанат сите тие музичари. Но, тоа е сè уште живо, како нем сведок на изминатите времиња.
Другата низа легедни потекнува од средниот век. Истата таа нишка се провлекува низ сите приказни: имено, под дрвото се собирале сите вештерки од целата денешна средна Италија. На нивните свечености присуствувале и кентаури, како и фауни, и сè тоа се случувало на 23 и 24 јуни, кога ноќите се најкратки. Една од најчесто споменуваните приказни е онаа за извесна вештерка која секој петок играла околу кутрото дрво, терајќи го од мака да се криви, па така со времето тоа се изобличило. На крајот од танцот вештерката се претворала во мачка чии очи светеле во мракот со ѓаволски сјај. Мачката седела пред дрвото и чувала стража до утрото.
Во некои приказни дрвото само го менувало обликот. Станувало сè поголемо и пошироко, додека вештерките се состанувале околу него. Една многу интересна приказна раскажува дека внатре во стеблото на маслинката расте уште едно стебло, се разбира, маѓепсано, па затоа наместо маслинки раѓало грав! Толку многу приказни за едно дрво! Затоа никој не може да му се приближи, а да не помисли дека нешто необично набрзо ќе се случи.