14.06.2024
Почетна / Градина / Вести / ВО ВЕЛЕСТОВО ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА НАТУРА 2000

ВО ВЕЛЕСТОВО ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА НАТУРА 2000

Вчера, во потенцијалното подрачје на Натура 2000 во близина на село Велестово во Националниот парк Галичица се одбележа токму денот на Натура 2000, но и светскиот ден на биодиверзитетот.  Во Галичица се среќаваат преку 37 растителни заедници, повеќе од 40 живеалишта, над 1600 растителни видови и над 3200 животински видови.

Настанот го отвори Бен Нупнау, заменик-шеф на мисијата при Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија кој се наврати на почетоците на мрежата. Пред точно 32 години Европската Унија ја усвои Директивата за живеалишта и Програмата Life. Тоа беше и сѐ уште е пионерски чекор во законодавството кој го претставуваше зачетокот на Натура 2000, најголемата координирана мрежа на заштитени подрачја во светот и со тоа се истакна важноста на биодиверзитетот за добросостојбата на планетата земја. Изборот на подрачјето за да се одбележи овој ден не беше лесна работа. Имаме изобилство на вакви потенцијални подрачја насекаде, почнувајќи од Шар Планина, Маврово, Пелистер, Преспа, па се до Јабланица, Осогово, Матка... На крај се решивме за Галичица, потенцијално Натура 2000 подрачје и дел од Емералд мрежата. Покрај тоа што е совршено место да се ужива во недопрената природа, Галичица, исто така не потсетува колку е важно да се зачува природата и дека секој од нас има улога во тоа. Заштитата се протега многу пошироко од само прогласување на едно место како подрачје од вредност. Потребно е солидно управување од страна на соодветни и компетентни кадри и соодветни финансиски ресурси, но и континуирани заложби за да се возобнови она што било оштетено и да се зачува тоа што сѐ уште е во добра состојба. Тоа е прашање на голема итност насекаде, а зелената агенда на ЕУ става фокус на тоа што значи дека ќе следат и ресурси, поради тоа што биоразновидноста е крвотокот на нашата планета која мора да ја заштитиме за идните генерации истакна Нупнау.

Даниел Богнер, тим лидер на проектот „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“ објасни дека ова подрачје изобилува со тревни површини кои се приоритетни области за заштита во ЕУ и за нив е потребно дополнително внимание, бидејќи се дом на околу 120 различни видови на растенија, а со секое растение се поврзани различни инсекти кои пак се храна за многу птици. „Синџирот во биодиверзитетот зависи од тревните површини, а тие се под закана што е тренд кој се јавува секаде низ Европа, луѓето си заминуваат од руралните подрачја, земјоделието се напушта и овие тревни површини се обраснати со различни видови на грмушки, ставајќи го биодиверзитетот под закана да биде изгубен во иднина. Ова е задача за институциите и за Националниот парк кои преку добро управување со овие подрачја можат да помогнат во негово зачувување“, истакна Богнер.

Климент Нанев, од НП „Галичица“  рече дека „Поради зголеменото човеково влијание, загадувањето и другите неповолни појави врз природата од несомнено значење е воспоставување на една ваква мрежа која ќе ги вмрежи не само веќе заштитените, туку и другите Натура 2000 подрачја кои ќе се номинираат во иднина за нивното вмрежување да биде целисходно и да се заштитат како на важните живеалишта така и видовите кои живеат во нив.

Методија Велески од Македонското еколошко друштво кое го координира проектот „Мрежа за искуствено учење“ истакна дека заштитата на природата и напорите за истражување и управување со истата е активност која треба да се одвива на долги патеки и бара создавање нови кадри.

„Во таа насока ние со нашите партнери работиме на мрежата на искуствено учење, што е практично една лабораторија во природа. На овој начин ќе се обидеме да ги мотивираме младите, идните генерации да ги отворат очите и да видат што има околу нив во однос на тоа какви се различни бубачки, тревки, птици и слични други организми ги населуваат овие места и зошто е важно ова да се зачува“, додаде Велески.

А можноста за набљудување во природа и запознавање со биодиверзитетот во НП Галичица ја имаа учениците од ООУ „Кочо Рацин“ од Охрид и ООУ „Киро Глигоров“ од Скопје преку работилница која беше предводена од страна на едукатор од НП Галичица и неколку експерти.

Настанот беше организиран во рамки на проектот финансиран од Европската Унија „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“. Корисник на проектот е Министерството за животна средина и просторно планирање, а го спроведува НИРАС со партнерите. Ко-организатор на настанот беше Македонското еколошко друштво со партнерите, како дел од проектот „Мрежа за искуствено учење“ финансиран од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (Сида), каде раководител е УНИЦЕФ.

Види

Што да направите ако лисјата на вашето растение пожолтуваат?!

Секој кој чува растенија дома знае дека тоа бара одредена грижа. Како и да е, …