Почетна / Градина / Вести / Тие се најубавите и најкорисните птици на планетава! Колку видови бувови се застапени во Македонија?!

Тие се најубавите и најкорисните птици на планетава! Колку видови бувови се застапени во Македонија?!

И додека совршениот слух, вид и безшумност во летот му овозможуваат на бувот да го најде и да го брка пленот, канџите и клунот ја вршат последната работа. Канџите на бувот се остри и заоблени и се така поставени да овозможуваат голема ефикасност при ловот. Пердувите на бувот се најмеки од сите видови птици, покриени се со кадифена структура која ги абсорбира звуците кога крилото се движи. На рабовите на пердувите се поставени ресички кои го пропуштаат воздухот додека летаат, со тоа летот на бувот е бесшумен. Обоеноста на пердувите имаат клучна улога во невидливоста на бувот. Многу од видовите бувови знаат да ја имитираат текстурата на околината . Клунот на бувот е краток, заоблен и поставен надоле, посебно свиткан на крајот за подобро распарчување и подобро држење на пленот. Свитканиот клун надоле овозможува и видното поле да биде чисто, а звукот без никакви пречки и одбивање да дојде до неговите уши. Сите овие карактеристики го прават овој грабливец одличен ноќен ловец. Тој сѐ гледа, сѐ слуша и затоа лесно го лови пленот.

Уралски був (strix uralensis)

Бувот е ноќна птица и воглавно е активен ноќе, додека преку ден најчесто одмара длабоко сокриен во некоја крошна од дрво или на некое место каде никој нема да го вознемирува. Бувовите не прават гнезда, тие ги користат напуштените гнезда од други птици или наоѓаат засолниште за да ги положат своите јајца во процепите од старите дрва, процепите од карпи, стари тавани и.т.н. Женката снесува од 5 до 7 јајца (во зависност од видот на бувот)во интервали од 1-3 дена, па затоа и возраста на младитево гнездото е различна. Младите се спремни да го напуштат гнездото после два месеци и понекогаш поминуваат и неколку стотици километри барајќи погодна територија за понатамошен живот.


Бубо-(bubo bubo)

Bubo bubo (бубо) Но што е тоа што бувот го прави најкорисна птица на планетава? Која е улогата на бувовите во одржување на рамнотежата во еден екосистем и со тоа каква е користа на човекот од оваа птица и каква е впрочем исконската врска помеѓу човекот и бувот? Тоа е секако пленот кој го ловат бувовите, тие во 90% од својата исхрана користат различни видови глодари, но за да биде се појасно ќе се повикаме на статистиката: Во текот на ноќта бувот ќе улови од 3 до 5 глодари (полски глувци, глувци, стаорци, кртови и др.), така што едно семејство бувови во текот на една година ќе внесе околу 10,000 глодари! Познато е дека еден глушец јаде околу 5 кг сточна храна годишно и ако почнеме да ги нижиме бројките, ќе дојдеме до сигурен податок дека буфовите со своето постоење ќе му заштедат на землодејството и сточарството – милиони и милиони! Но и ако го земеме фактот дека глодарите се причина за брзо пренесување на тешки заразни болести и дека урината која ја оставаат

по сточната храна и посевите содржи бактерии кои преку храната можат да дојдат до човечкиот организам. Тогаш ќе сватиме дека буфовите директно го чуваат нашето здравје и не штитат од заразни болести, на земјоделството и сточарството му заштедуваат огромно количество сточна храна и се разбира заштедуваат храна која ја користат и луѓето.

Користењето на пестициди и отрови за глодари не е добро решение. Ефектот од отровите кај глодарите е краткорочен, а отровите преку храната и почвата директно ги внесуваме во нашите организми. Тоа само значи дека бувовите се од природата создадени да бидат природни „пестициди“ и чувари на нашето здравје! И токму користењето на отрови за уништување глодари и агресивната неконтролирана дератизација, спроведена во нашата земја во последниве 7-8 години, ја намали популацијата на македонските бувови за 70%, преку исхрана со затруени глодари овие прекрасни ноќни грабливки се доведоа до работ на нивното истребување. И повторно нивен непријател е човекот, кој постојано ја освојува природата, ја сече шумата, асфалтира патишта, ја ѓубри земјата, просипа отрови за да ги уништи глодарите и инсектите. Човекот слабо ги познава бувовите – всушност човекот ништо не знае за нив! Тие се преку ден незабележливи, а ноќе кога ние спиеме – тие се активни. Поради тоа што не ги гледаме и не ги познаваме, склони сме кон измислување приказни дека се тоа лоши птици и предвесници на смртта. Ваквите верувања многу допринесоа за намалување на бројот на бувовите. Во многу краишта на нашата земја, тие сѐ уште се прогонуваат и убиваат! Опстанокот на бувовите што живеат во нашата земја е загрозен! Иако се заштитени со највисок степен на заштита според Законот за ловство на РМ, опстанокот им е загрозен.

Автори: Боби и Ана Арсовски – Macedonian Owl Trust

Види

Кој зеленчук се сее прв – тие толерираат пониски температури

На почетокот на пролетта, веднаш штом може да се култивира почвата, првиот вид зеленчук се …