28.04.2024
Почетна / Градина / Вести / Сузбивање на глувци и стаорци

Сузбивање на глувци и стаорци

Заштитата од глодари во зимскиот период е неминовна затоа што тие причинуваат големи штети, како на отворен, така и во затворен простор.

Меѓу штетните глодари во складишта се вбројуваат црниот и сивиот стаорец (Rattus Rattus и Rattus norvegicus) и домашниот глушец (Mus musculus).

Од еден пар за една година можат да се размножат над илјада потомци, а со доаѓањето на зимата во потрага за топлина може да се случи појава и на полскиот глодар (полевка).

Глодарите се хранат и со складираната храна, прават штета на амбалажата и стоката, а влакната, плунката, урината и изметот ја контаминираат храната во магацините. Освен наведеното, тие може да бидат и преносители на патогени заразни болести кај човекот и домашните животни (глувчева треска, салмонела, трихиноза и др.).

Сузбивање на глодарите се врши со отровни мамци (мешавина од пченица и отрови). Мамците за труење на овие глодари се нарекуваат родентициди. Тие најчесто се врз база на klorfacinon, brodifacoum, bromadiolone, difetialon, flokumafen и kumarin, а комерцијалните имиња им се: FACIRON, RATOX, CHROMORAT, KLERAT, BRODILON, RATIMOR, RODEXION, STORM, RACUMIN. Се применуваат во различни форми. Поради нивната штетност која може да ја имаат кај домашните животни треба да се ставаат во дупки (активни дупки) или на скриени места каде што другите животни не можат да допрат до нив.

Мамците треба да се ставаат во активни дупки (по една лажица во дупка), кои потоа задолжително треба да се затворат. Може, исто така, да се ставаат во купчиња по 10-25 грама оддалечени една од друга 7-10 метри и задолжително да се прекријат со нешто. Истото важи и за магацини и подруми. Можат да се користат мамци во форма на парафински блокови и пелети. Се разбира, и тие мора да бидат прекриени со нешто за да не настрадаат други животни.

Bromadiolone, brodifacoum и difetialon припаѓаат во групата на антикоагуланси кои дејствуваат по еднократно земање. Тие се многу ефикасни, дејствуваат многу брзо, но се многу опасни за здравјето на луѓето и домашните животни и затоа ракувањето со нив треба да биде многу внимателно, според даденото упатство. Klorfacinon и kumarin дериватите се кумулативни отрови кои дејствуваат постепено на глодарите (повеќекратно земање). Глодарите умираат поради внатрешно крварење по 5-7 дена од денот на внесувањето во организмот. Најчесто користени се CHROMORAT и STORM PELETE. По консумирањето на овие мамци глодарите бавно и постепено умираат од природна смрт, не предизвикувајќи пореметување во другите групи. Мамците се поставуваат на скриени места и препорачувам да се постават во кутии, цевки или слични контејнери каде што нема да дојдат во директен контакт со храната, водата или добитокот. Глодарите во текот на еден ден јадат храната којашто изнесува околу 10% од нивната телесна тежина (на пример, глувче од 20 до 25 грама може да изеде 2-2,5 грама храна на ден), па затоа е важна смртоносната доза на препаратот . CHROMORAT и STORM PELETE во затворен простор (на суво) се поставуваат во топчиња или купчиња од 15 грама на 3-5 метри растојание (ако се сузбиваат глувци) или купчиња од 45 грама на 5-10 метри растојание (за стаорци). Се произведуваат и парафински БЛОКОВИ отпорни на влага кои можат да се користат и на отворено. Се применува еден блок (45 г) на растојание од 3 до 5 метри за сузбивање на глувци, а за сузбивање на стаорци на растојание од 5 до 10 метри.

Сузбивање на глодарите во полиња на отворено се врши со блокови од парафин CHROMORAT или STORM, 1-2 блока на активна дупка од глодар. При поставување на мамците секогаш треба да се користат заштитни ракавици за самозаштита, но и да се спречи преносот на мирис на човечката кожа на распоредените мамци, затоа што глодарите имаат силно чувство за мирис, а мирисот на човечка кожа ги одбива глодарите од мамците. Постојат и специјални лепила што се нанесуваат во тенок слој на картон или на мали парчиња штици. Пожелно е на подготвената површина да се додаде малку сирење за привлекување на глодарите. Еден од најпрепорачливите е лепилото MAUSE COL кое може да се најде во сите земјоделски аптеки. Не е отровно, незапаливо е и може долготрајно да се задржи на подлогата на којашто е нанесено. Дамките настанати од лепилото може лесно да се отстранат со бензин. Заштита од зајаци во овоштарници Заштитата од зајаците се сведува главно на механичка заштита и делумно на хемиска или „домашни” препарати.

Потребно е на младите овошки, без разлика дали тие се наоѓаат на отворено или затворено, пред зимата да им се заштити стеблото. Важно е стеблото да се обвие со некој материјал, да се премачка или испрска со препарати. Како материјали за обвивање на стеблото претежно се користат перфорирана фолија, јутани вреќи и решеткасти мрежи кои можат да бидат направени од пластика или жица. Исто така, може да се постави заштитна ограда вкопана во земја, така што зајакот не може да се вовлече под неа, како и ограда подигната на одредена висина, за да зајакот не може да ја прескокне, па дури и кога има снег. Постојат и препарати за прскање. Зајаците не ги сакаат непознатите мириси, особено ако се од органско потекло. Еден од препаратите кои можат да се набават во земјоделските аптеки е KUNILENT, кој е мешавина базирана на рибино масло. Постојат и домашни препарати произведени врз база на органски материи од животинско потекло (на пример, масти и сало), кои успешно ги одбиваат зајаците. Но, најбезбедна, сепак, е механичката заштита, особено ако зимата е јака.

Како да направите сопствен мaмец

1 кг пченица или други житки, 30 мл масло – концентрат од Facirona. Состојките добро да се измешаат и да се остават да стојат еден час. Зрната треба да ја променат бојата во црвенкаста. Потоа може да се стават во активни дупки или во купчиња (20 г).

Автор на текстот: Слободан Серафимовски, дипл. земјоделски инженер

Извор: ФФРМ

Види

Букет со зачини

Станува збор за букет од свежи зачини и останати состојки кои се додаваат во супи, …