14.12.2024
Почетна / Градина / Вести / СТУДЕН ЦИКЛОН НАД МАКЕДОНИЈА: Од овој петок, како и за време на викендот, многу дожд, снег и голема снежна покривка од над 50 сантиметри!

СТУДЕН ЦИКЛОН НАД МАКЕДОНИЈА: Од овој петок, како и за време на викендот, многу дожд, снег и голема снежна покривка од над 50 сантиметри!

Метео прогноза на Славчо Попоски:

Под влијание на циклонска активност со центар над Средоземјето, како и на голема влажна и многу постудена воздушна маса од север, почнувајќи од петок, и за време на викендот во Македонија времето ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд на ниските, и од снег на повисоките места и на планините. На многу места врнежите ќе бидат обилни и локално ќе наврнат над 40/50 литри на метар квадратен воден талог.

Поради влијанието на студената воздушна маса од север, повремено, и особено во западните и во северните предели од Македонија, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од влажен снег и во пониските места (градовите). Сето ова ќе биде проследено со ветер од северен и од североисточен правец, и истиот повремено ќе засилува на интензитет.

Во Скопскиот регион исто така за време на овој период ќе има врнежи од дожд, повремено обилни, додека на околните планини врнежите ќе бидат од снег. Повремено врнежи од снег ќе има и во повисоките предели од котлината, и тоа особено во текот на ноќта петок кон сабота, како и во сабота, кога услови за краткотрајни врнежи од дожд и од снег ќе има и во пониските предели од Скопската котлина.

Сето ова ќе услови на планините да дојде до значително формирање на снежна покривка (над 50 cм, локално и повеќе). На повисоките места таа ќе биде со висина од 20 до 30 цм, локално и повеќе, додека на пониските места (градовите) особено во северните и во западните предели понекаде со висина од 10 до 20 cм, а можно е и повеќе.

Во Скопскиот регион, снежна покривка ќе се формира на околните планини, како и во повисоките предели од котлината.

Мора да напоменам дека поради очекуваниот влажен снег во пониските места во погоре споменатите предели, можни се проблеми поради тежината на истиот. На планините ќе има услови и за појава на снежни наноси, па доколку патувате низ планинските превои, препорачуваме да бидете премногу внимателни како управувате со вашето возило.

Што се однесува пак до температурите, тие значително ќе опаднат, особено дневните и ќе се искачуваат во интервалот од 0 до 8 степени во најтоплите југоисточни предели, а наутро тие ќе се спуштаат во интервалот од -3 до 5 степени. Во Скопје температурата за време на овој период ќе се искачува во интервалот помеѓу 2 и 5 степени.

Види

ВЛАЖЕН И СТУДЕН БРАН ВО МАКЕДОНИЈА: Викендов силен ветер, дожд, снег и зголемување на снежната покривка

Под влијание на влажна и студена воздушна маса од север, за време на овој викенд …