Истражувачите од Универзитетот Мурдок во Перт, Австралија, развиле натриум-јонски батерии со чија помош обновливите извори на енергија би требало да станат поевтини.
„Солената“ батерија (хемискиот состав на солта е натриум хлорид) би се користела наместо поскапите литиум-јонски батерии за складирање на електрична енергија добиена од соларна или ветерна енергија, за обезбедување на непречено снабдување со електрична енергија и во облачни и мирни (неветровити) денови.
Според водачите на истражувањето, д-р. Маникам Минакши и д-р. Даниела Мејрик, овие батерии имаат огромен потенцијал за практична примена кај ветерни паркови и соларни фарми.
Моментално најексплоатираните обновливи видови на енергија се сончевата енергија и ветерната енергија. Но, производството на електрична енергија од овие обновливи извори е во голема мера зависно од временските услови, па затоа е неопходно да се има добар систем за складирање на вишокот енергија која подоцна би се искористила при поголема побарувачка или во денови со неповолни временски услови.
Досегашните батерии се прават од скапи и ретки материјали како стопен сулфур или течни метали, што ги прави многу неисплатливи за комерцијална употреба. За разлика од нив, новите батерии се изработуваат од натриум, материјал кој го има во изобилие насекаде во светот, а неговите својства се многу слични со моментално најупотребуваниот литиум.
Главен предизвик на истражувачите било да се најде соодветен материјал од кој ќе се изработуваат електродите на батеријата. После темелни испитувања, тие откриле дека катода од манган диоксид и анода од оливин натриум фосфат дава најдобри резултати.
Двајцата истражувачи се уверени дека ова откритие ќе внесе позитивни промени во искористеноста на обновливите извори на енергија, притоа нагласувајќи дека истражувањето стигна до крајната фаза, односно дека нивните батерии се спремни за комерцијална индустриска употреба.
Превземено од: енергетска ефикасност инфо