20.04.2024
Почетна / Градина / Вести / Производството на тутун низ македонската традиција

Производството на тутун низ македонската традиција

Со засадени 14.150 хектари, откупени повеќе од 23.000 тони тутун за вредност од 60 милиони евра по цена од 217 денари за килограм, тутунот се потврдува како македонско злато.

Културата којашто во себе ги вмрежува сите аспекти на едно живеење од традиција, обичаи, култура но и социјален а најмногу егзистенцијален аспект, во Македонија е присутна уште од 1873 година и оттогаш до денес тутунот го обликува животот на Македонецот.

Начинот на живот, обичаите, традицијата, семејните вредности, културата, во сето тоа се вткаени маката и радоста од одгледувањето тутун. Тоа е така дури и денес. Земјоделците, оние што го одгледуваат тутунот, сè во своето секојдневие му подредуваат на тутунот, станување во 3.30 часот наутро, берење додека силата и телото тоа го дозволуваат, малку одмор па нижење. По берењето и нижењето, следи сушење, процес којшто исто така бара соодветни услови и знаење, низите треба да бидат добро подредени, во една низа и подеднакво изложени на сонце или на струење на воздухот за сушењето да биде рамномерно, за да се земе поголема цена. Потоа се пакува, и се подготвува за продажба. Денешните компании наложуваат строга процедура како да биде нареден, во што да биде спакуван со цел да се исклучат сите можни малверзации. Тутунот е една од оние култури кои од земјоделецот и целото семејство бараат ангажман и посветена работа во текот на три годишни времиња. Тутунот за нив е се, до степен на персонификација, тие го ценат, го сакаат, го познаваат, одлично ги разликуваат класите, квалитетот и типот на тутунот. Им го одредува животниот тек, кога ќе создадат дом, кога ќе прават свадба, ќе ги школуваат децата. Со сите свои предности и потешкотии, оваа многу трудово интензивна култура е составен дел од животот.

Низ вековите, тутунот станал центар на духовниот живот до тој степен што автентичната македонска архитектура на некогашните куќи и дворови била прилагодена на природно чување и сушење на тутунот, на чии чардаци биле изложени низи ориентален тутун чиј мирис го исполнувал воздухот.

Македонија како географска целина е најдобра за производство на ориенталните видови тутун и многу познавачи пишувале на оваа тема. Токму ваквите карактеристики ја поставуваат Македонија на врвот на листата на производители на висококвалитетен тутун, ценет и баран на светските берзи.

Помалку или повеќе, овој народ дишел со тутунот. Обработката денес можеби е малку посовремена, но суштината е иста, да се земе поголема сума пари, да се земат субвенции и да живее живот кој е тежок но извесен и така е од 1873 година па до денес.

Во минатото се произведувало и до 35 илјади тони тутун годишно, а во последниве години осцилацијата е 22 до 23 илјади тони. Осцилацијата во цените е една од причините а неа ја диктираат откупните претпријатија чии интерес се менува во зависност од глобалните пазарни движења. Но, податоците и последниот откуп покажуваат дека добрите услови повторно ги враќаат земјоделците кон производство на тутун. Поволностите во оценувањето, високата цена, постигната посебно оваа година, пласманот како и ветените високи субвенции, повторно го привлекуваат македонскиот земјоделец кон жолтото злато, кон продолжување на тутунската традиција и обезбедување извесна егзистенција.

Види

(ВИДЕО) ПРИСТИГНА СНЕГОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПЛАНИНИ: Студениот бран ја зафати цела Европа и регионот

Метео прогноза на Славчо Попоски: Студениот бран го зафати целиот Европски Континент, како и регионот, …