18.04.2024
Почетна / Градина / Вести / Производство на ракија во домашни услови и кои се недостатоците при правењето

Производство на ракија во домашни услови и кои се недостатоците при правењето

Производството на ракија во домашни услови е традиција во Македонија. Со цел да добијат квалитетна лозова и овошна ракија, производителите треба многу да внимаваат на технологијата и процесот на производство.

За добивање на квалитетна ракија важно е следново, советуваат од Ракија.мк:

  1. Плодовите од овошките и грозјето треба да бидат собрани во потполна зрелост и без трулеж;
  2. Садовите во кои се сместува сомеленото грозје или плодови најдобро е да бидат дрвени или пластични, од пластика за прехранбени цели. Не треба да се користат пластични садови кои се користени за складирање и пренос на технички материи бидејќи таквата пластика негативно влијае врз човечкото здравје;
  3. Пред употреба, садовите треба да бидат добро исчистени, дрвените садови со топла вода и дрвена сода, а пластичните со соодветни детергенти и добро исплакнати. Многу добро чистење на казанот се постигнува со раствор од готварска сол во количество од 100 до 200 гр.+ 200-400 мл. оцет. Со крпа натопена од овој раствор се трие целата внатрешна површина на казанот и внатрешноста на спроводната цевка;
  4. На гроздовата или овошната каша веднаш по мелењето треба да се додаде винобран 5-10 грама на 100 кг. каша и да биде набиена и налегната од дрвена или пластична решетка врз која се става камен, така што нема да ја пропушта кашестата маса држејќи ја во потполност потопена во текот на целиот процес. Садовите се полнат до 80% од зафатнината што ја имаат за да нема истекување во текот на бурниот дел од вриењето;
  5. Дрвените садови се поклопуваат со дрвен поклопец врз кој се става најлон, се обвиткува отворот на садот и најлонот се притегнува (се врзува со врвца изработена од гума). Пластичните садови треба да бидат поклопени со сопствени поклопци.
  6. За добивање на квалитетна ракија не се вари комината и течноста заедно, туку само течноста од овошната комина, односно течноста, т.е. виното од гроздовата комина. Таа се точи од садот со комина од овошје или грозје се додека ја има и со неа се полнат казаните до 90% од зафатнината на казанот, а остатокот се дополнува со вода. Во истиот момент кога ќе се источи течноста од садот со овошна комина, односно виното од садот со гроздова комина, во садот се додава вода во исто количество колку што е претходно источено течност, односно вино. Водата стои во комината 2-4 дена и потоа се источува и со неа се полнат казаните до 95% од зафатнината и се вари ракија. Значи, се работи само со течност, комината си стои во садовите и притоа со првоисточената течност го извлекуваме 80-90% од алкохолот од комината, а со второисточената течност остатокот до 100%.
    По второто источување во коминита нема алкохол и таа може да се употреби за исхрана на одредени видови стока, да се вметне во арското ѓубре или да се однесе на растенијата од кои е набрана.
    При варењето на ракијата задолжително од секој казан се трга првотокот во количество од 500-700 мл и целокупната џура (патока, прца) се става во следниот казан или се собира за во последниот при што тогаш се трга до 1,5 л првоток и целокупната џура (патока, прца) и се чуваат за следната година или се употребуваат за други цели.

Види

Променливо облачно со повремени врнежи од дожд

Времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа особено попладне, ќе биде …