07.12.2024
Почетна / Градина / Пауловнија – голема заработка, но опасност за биодиверзитетот

Пауловнија – голема заработка, но опасност за биодиверзитетот

Тенките високи стебла со изразито широки листови во форма на срце и големите розови цветови ја прават пауловнијата многу популарно украсно растение во западноевропската хортикултура. Постојат седум видови на ова азиско растение и речиси сите се користат за украсување на паркови, ботанички градини и зоолошки насекаде низ Европа, информира Само прашај.

Пауловнијата е доста барана и во индустријата. Иако ѝ се потребни релативно топли временски услови и влага, во последните години растението покажува голема одржливост и на ниските европски температури. Пауловнијата брзо расте и за кратко време, поради својот метаболизам, создава големи количества дрвена маса. Затоа се одгледува плантажно, а материјалот добиен од пауловнија е цврст, но лесен за обработка.

Во последните неколку години, пауловнијата се одгледува во јужниот и југоисточниот дел на Македонија, каде според земјоделците условите се најповолни, но нема точни податоци за бројот на стебла. Ова растение е особено атрактивно за македонските земјоделци бидејќи влогот за започнување на одгледувањето е мал, а првите приходи се добиваат веќе во првата година.

На прв поглед пауловнијата делува како одлична бизнис идеја, но не е се` така добро. Многу граѓани садат поединечни или групи на дрвја надвор од плантажите или уредените дворови, со што овој азиски вид може брзо да се размножи и рашири низ природата. Тоа претставува опасност за домашните автохтони видови на дрвја, бидејќи пауловнијата со своите широки листови им ја земаат сончевата светлина на другите физички помали растителни видови.

Поради тоа, Американскиот оддел за земјоделство ја категоризира пауловнијата како инвазивен вид и нејзиното засадување се води според строги правила. Состојбата со пауловнија во Централна Европа е критична бидејќи популацијата на дрвја надвор од плантажите и дворовите се зголемува и го доведува во опасност биодиверзитетот.

Во Македонија, според Законот за заштита на природа се забранува засадување на недомашни видови на растенија надвор од уредени садници или плантажи, но сепак појавата на стебла со пауловнија се се` почести. Одделот за шумарство при Министерството за животна средина и останатите надлежни органи треба будно да внимаваат на состојбата со овој вид за да се спречи понатамошно ширење на пауловнијата и уништување на домашните дрвја.

Инаку, пауловнија е род на дрвенесто растение со неколку видови автохтони за Азија, кои природно може да се сретнат во централна и јужна Кина, а во Европа првпат се појавило во 19 век.

Види

Алое Вера – според легендата ова растение ја направила неуништлива војската на Алeксандар Македонски

Алое Вера е растение кое потекнува од северна Африка, Мадагаскар и Арапскиот Полуостров. Нејзиното име …