Почетна / Градина / Покривање на падини

Покривање на падини

При изборот на грмушести видови за покривање на закосени површини, кои во градината најчесто претставуваат благи падини, треба да се внимава на изложеноста на падината, односно дали да се употребат светлољубиви видови – доколку се работи за сончева изложеност (присојна страна) или сенкоподносливи видови – на осојна страна.

Најчесто се избираат видови со умерена еколошка амплитуда во однос на сончевата светлина.

Кај овој тип на создавање зелен грмушест покривач најблагородната улога на грмушките е цврста стабилизација на хранливиот почвен слој и спречување на појава на ерозивни процеси – измивање на почвата од дожд/полевање, запирање на ерозијата предизвикана од ветар, како и намалување на испарувањето на почвената влажност и одржување на свежина во почвата како медиум врз кој растат и се развиваат овие грмушести стабилизатори. Затоа се засадуваат брзорастежни и најчесто зимзелени видови на мало меѓусебно растојание. На тој начин зелената покривка обраснува за кус временски период и ја покрива изложената земја со голема густина.

Едновремено, градината добива нов лик – уште една богата и разновидна зелена површина, целосно прекриена со вегетациски разнобоен килим. Како едни од најползуваните грмушести видови за озеленување на падини, со широка еколошка амплитуда и широкоразгранета приземна форма, може да се споменат смрделиката (Juniperus sabina), полегнатата форма на модрата смрека (Juniperus ‘horizontalis’), куриката (Euonymus europaea, E. fortunei), повеќе видови кантарион (Hypericum spp.), млечката (Euphorbia glabriflora), плускавецот (Colutea arborescens), Genista spp., Cytisus spp., заечката (Coronilla emerus ssp. emeroides), борот кривуљ (Pinus mugo) и др.

Доколку падината зафаќа поголема површина, грмушестиот покривач може да се формира со видови кои имаат различен височински раст и колорит, и на тој начин да ја разбијат евентуалната монотонија.

Текст и фото: Д-р Бојан Симовски, катедра по ботаника и дендрологија, УКИМ Шумарски Факултет, Скопје

Види

Зошто и за кого е корисно зеленото кафе

Зеленото кафе всушност не е ништо повеќе од неизпечени кафе зрна. Зеленото кафе е производ, …