28.03.2024
Почетна / Градина / Животни / Николовски: Кадровско екипирање на Платежната агенција и исплата на обештетувањата на сточарите за „јазлеста кожа“

Николовски: Кадровско екипирање на Платежната агенција и исплата на обештетувањата на сточарите за „јазлеста кожа“

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска одржа работен состанок со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, и со раководителите на секторите во Агенцијата. На состанокот беше презентирана моменталната состојба на функционирање на Платежната агенција, како и проблемите со кои се соочува.

Се заклучи дека главен проблем е дефицитот со човечки ресурси. Министерот Николовски посочи дека за проблемот е запознаена и Владата и веднаш ќе се започне со кадровско екипирање на Агенцијата, чие што функционирање е важно за имплементација на мерките од Националните програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и за ефикасно искористување на финанасиските средства од европската ИПАРД Програма. 

„Веќе се создадени услови за веднаш да се започне со вработувања во Платежната агенција, и процесот ќе се одвива етапно, во фази. Од 2007 година се немало слух за одливот на кадри од Платежната агенција. Незамисливо е во една институција како што е Платежната агенција, каде што има голем број софтвери, кои се важни за реализација на мерките од Националните Програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во ИТ-секторот да работат само 4 луѓе. За да се реши овој проблем со дефицит на човечки ресурси, потребни се измени на Закон за Платежна агенција, на што забрзано се работи. Токму во однос на кадровската екипираност во важна Агенција, преку која се спроведуваат и мерките од европската ИПАРД Програма, имаше директни и недвосмислени укажувања и од Брисел“, изјави министерот Николовски.

Директорот на Платежната Аагенција, Бабовски посочи дека Агенцијата бара нови 69 вработувања и 29 унапредувања на постоечкиот кадар.

„За само два и пол месеци од Платежната агенција поради ниски плати си заминаа пет висококвалификувани кадри. Во Агенцијата има професионалци кои се уште се со статус помлади соработници, и изминативе години воопшто не биле унапредени. Тоа мора да се промени, затоа што функционирањето на оваа Агенција е важно за реализацијата на субвенциите од нашите Програми, но и за искористување на европските фондови“, изјави директорот Бабовски.

На денешната средба Николовски и Бабовски посочија дека освен проблемите со кадровското екипирање на Агенцијата, застој има и кај проектите за кои конкурираа за проекти.

Воедно министерот Николовски информираше дека од утре започнува исплатата на обештетувањето на сточарите чиј добиток минатата година угина од болеста „јазлеста кожа“. Опфатени се 242 сточари на кои што им угина добитокот поради оваа болест во  2016  година. Вкупниот износ за обештетување е 15 милиони денари. Обештетувањето ќе биде 100 проценти од проценетата вредност на угинатото животно, а до крајот на месецов ќе се заврши со исплатата.

Во делот на исплатата на субвенциите, министерот Николовски и директорот Бабовски, информираа дека досега се исплатени околу 92 милиони евра субвенции.За доисплата остануваат околу 4,5 милиони евра за 2016 година, што се дел од вкупно 100-те милиони евра пренесени обврски од претходни години.

Види

Kаква тајна крие оваа глутница со волци?

Првите три волци кои одат по снегот се и трите најстари, најболни и најспори членови …