29.03.2024
Почетна / Градина / Животни / Методологија помага да се процени цената на справување со болестa Јазлеста кожа кај говедата

Методологија помага да се процени цената на справување со болестa Јазлеста кожа кај говедата

Неодамна, во 2015 година, заразната болест Јазлеста кожа се појави прв пат на Балканот и почна да го заразува добитокот во неколку земји. Мерките за контрола – или евентуално искоренување – на болеста се разликуваа во различни земји, а најнова студија на ФАО ги оценува различните пристапи во три од нив (Албанија, Бугарија и Македонија) со цел да се испитаат трошоците и користите од секој од нив.

Методологијата што се користи во студијата е пренослива во други земји и за други болести, помагајќи им на носителите на одлуки да ги изберат најефективните мерки, со најниски економски и финансиски оптоварувања за нивните буџети и земјоделци.

Оваа болест предизвикува низа економски загуби – за земјоделците намалена плодност и производство на млеко, оштетување на вредната кожа, па дури и евентуална смрт на животното, а за локалните и националните власти трошоци за превентивни и контролни мерки. Тука се и трговските загуби, бидејќи земјите со прогласена опасност од зараза мора да го стопираат извозот.

“Постојат различни пристапи и алатки за да се реагира на болеста”, вели специјалистот на ФАО за здравје на животните Даниел Белтран-Алкрудо, ко-автор на студијата. “Секоја земја може да избере различна комбинација од нив, како што можеме да видиме од случаите презентирани во студијата. Таквите одлуки стануваат поосновани ако се пресметаат трошоците за преземање или пак непреземање на одредени активности “.

Во Бугарија, Македонија и Албанија, болеста Јазлеста кожа се прошири брзо по првичната детекција во првата половина од 2016 година, што зафати 217, 1.464 и 3.568 стада, соодветно, истата година. Последиците не беа исти за секоја земја, со оглед на нивните различни структури за одгледување на животни, како и стратегиите за контрола.

Бугарија, која ги отстрани погодените стада, имаше највисоки вкупни трошоци за контрола на болеста, од 8,6 милиони евра. Македонија, која применуваше такви мерки само за првите 28 епидемии, имаше трошоци од 6,7 милиони евра. Во Албанија, каде воопшто не се применуваше отстранување на заболените стада, трошокот за контрола на болеста изнесуваше 5,3 милиони евра. Таму погодените животни беа третирани, а владата им компензираше на земјоделците со увезен добиток.

Од потрошени повеќе од 20 милиони евра, најскапи биле вакцините, надоместоците за земјоделците за излечени и мртви животни и – во Бугарија – воздушната дезинфекција (фумигација).

Оваа болест значително се намали во 2017 година, што може да се припише на контролните мерки, особено на вакцинацијата.

Истата анализа на трошоците и користите сега ќе се користи во рамките на друг проект на ФАО кој има за цел да им помогне на земјите со непосреден ризик во Источна Европа. “Методологијата им овозможува да проценат која стратегија за управување е поекономична во случај болеста да се појави на нивната територија”, додава Белтран-Алкрудо.

Научените лекции ќе бидат искористени за развој на алатка (т.е. упатства и табеларни пресметки) која ќе им помага на земјите да вршат анализа на трошоци и користи за справување со епидемии на болести кај животните. Оваа алатка во моментов е во процес на развој и ќе се применува не само за болеста Јазлеста кожа, туку и за сите болести кај добитокот и животните.

Види

Kаква тајна крие оваа глутница со волци?

Првите три волци кои одат по снегот се и трите најстари, најболни и најспори членови …