Пролетта е време кога се сеќаваме дека природата постои, но и време кога се будат инсектите, вклучувајќи ги и крлежите.
Крлежите (xodes ricinus) се ектопаразити кои ги напаѓаат сите цицачи и птици. Тие се составени од тело, четири пара нозе и устен апарат со кој цицаат крв. Се развиваат во фаза на јаце, ларва, нинфа и адултен облик.
Сите развојни облици, со исклучок на јајцата, цицаат крв. Постојат голем број различни видови на крлежи кои може да живеат на еден или повеќе видови животни. Нивната важност е голема затоа што при цицањето крв пренесуваат голем број протозои, бактерии и вируси, како кај животните, така и кај луѓето.
Постојат меки и тврди крлежи. Меките најчесто живеат во настамби, а тврдите во високите треви и грмушки. Доколку се присутни во голем број кај домашните животни, освен тоа што ги пренесуваат горенаведените агенси, може да предизви-каат и анемија, парези, парализи, па дури и смрт. Женката може да исцица и 4-5 ml крв и да положи и повеќе од 100.000 јајца. Клиничката слика, исто така, зависи и од тоа кој инфективен агенс го пренеле на животното додека цицале крв.
Интересно е тоа што крлежите можат да преживеат многу години и со малку цицање крв, а со тоа преживуваат и инфективните агенси што тие ги пренесуваат. Тие се распространети на целата планета и тешко се контролираат затоа што се наоѓаат насекаде.
Прскањето со инсектицидни средства на пасиштата и тревата може да доведе до уништување на вегетацијата и труење на животните. Пожелно е висината на тревата да се одржува на најниско ниво, затоа што топли и суви услови може да доведат до нивно уништување. При третирање на животните, потребно инсектицидните раствори да се аплицираат на целото тело. Постојат и средства кои може да се аплицираат инјекционо, да дејствуваат против крлежите и да го заштитат животното во одреден период, обично до еден месец. Кај малите животни најмногу се употребуваат репелентни средства, кои нанесени во облик на течност на вратот го штитат животното во одреден период. Кај големите животни, исто така, постојат репелентни (puor-on) средства кои се по-ипуваат на грбниот дел од телото и го штитат животното во одреден период.
Луѓето кои на себе ќе забележат крлеж кој веќе навлегол во поткожјето, може да се обидат да го извадат на тој начин што ќе го фатат што поблиску до кожата и нежно, без многу да го стискаат, треба да го повлечат нагоре. Тоа се прави со пинцета или со тенки гумени ракавици, за да не се дојде во контакт со можните инфекти во крлежот. Пожелно е крлежот да се види микроскопски, за да се утврди дали му се извадени сите делови на усниот апарат. Погрешно е крлежот да се посипува со петролеум, зејтин или други раствори, затоа што тоа може да предизвика поголемо испуштање на плунка, а со тоа и дополнително ослободување на инфективните агенси доколку ги поседува. Неопходно е, во консултација со инфектолог, да се направи испитување на Лајмска болест или други ендемски болести карактеристични за тој регион. При пешачење во природа, пожелно е ногавиците да се ставени во високи чорапи, затоа што крлежите најчесто напаѓаат од тревата.
автор на текстот: д-р Јована Стефановска, Факултет за ветеринарна медицина Скопје
Извор: ФФРМ