Од древни времиња обичаите на луѓето биле поврзани со цвеќињата – со цвеќиња се кителе куќите за да се пречекаат гостите, а подоцна со големите географски откритија почнаа да се запознаваат со повеќе растенија од полињата, шумите и планините на новооткриени континенти.
Фасцинирани од убавината, тие побарале да ги имаат во своите домови. Така се појавиле собните растенија – една голема група декоративни растенија чии одделни видови може да се одгледуваат во домашни услови на аматерски начин.
Одгледувањето на растенијата во домашни услови обезбедува големо задоволство од создадената оттаму убавина дома во сите сезони од годината. Тоа сепак, бара напор и грижи поврзани со познати вештини и знаења во областа на цвеќарството.
При изборот на собни растенија треба да се знае дека тие се поделени во следните неколку групи :
Цветни – со основен декоративен елемент на цветови. Различните видови цветаат во различни месеци, па при внимателна селекција може да се обезбеди цветање во текот на целата година.
Лиснато декоративни – со декоративен ефект, создаден од листовите кои можат да бидат со оригинален колорит, со различна големина или со посебна форма.
Висечки – тие се особено ефективни крај рамките на прозорци и врати или пак поставени на високи полици и мебел, од кои висат нивните разграноци и се спуштаат како “зелен водопад”.
Кактуси и сукуленти – семејство од околу 2500-3000 вида, користени во родните места – пустинските и полупустинските области, рационално за храна.
Љубителите на цвеќињата можат да одлучат да одгледуваат истовремено примероци од сите овие групи или пак да се запрат главно на една од нив. Тоа зависи од личниот вкус и преференците, но премногу големо значење има и живеалиштето, особено просториите во кои ќе се одгледуваат собните растенија.
Светлите простории се соодветни за светлољубиви растенија, особено за цветните кои го поднесуваат лошо недостигот на светлина. Во нив се чувствуваат добро : примулата, азалејата, мушкатото, хипеаструмот, алоказијата и др.
Сепак треба да се прави разлика помеѓу обилната светлина и директна сончева светлина. Многу растенија бараат светлина, а страдаат од директните сончеви зраци. При слабо осветлување добро се развиваат оние што преферираат сенка: бршлен, некои традесканции, царска бегонија, сансевиера, фикусот, филодендрон и др.
Најопшт услов при изборот е тие да бидат во добра форма, добро вкоренети и во млада возраст.