Почетна / Градина / Јапонско јаболко – овошјето на боговите

Јапонско јаболко – овошјето на боговите

Покрај јаболката, грозјето, дуњата во есен, актуелно е и јапонското јаболко.

Кај нас јапонското јаболко најмногу се одгледува во Валандово. Тогаш е подигнат и првиот насад од садниците што од патувањето во Кина ги донел Лазар Колишевски.

Поради неговата жолта боја и сознанието дека првите калеми се донесени од Далечниот Исток, народот го нарекол јапонско јаболко.

Првите засадени јаболка биле во дворот на некогашното средно земјоделско училиште „Каме Пулизов“.

Некаде до 1965 година секое семејство во Валандово го сади јапонското јаболко, пред се, како декоративно растение, бидејќи има прекрасни цветови, широка крошна со темнозелени листови и не треба многу труд во поглед на одгледувањето. Потребна му е само вода за да даде и до 200 килограми јаболка од едно стебло. Оттогаш па до денес обилниот род, кој се бере во почетокот на ноември го чувале заедно со калинките како зимски резервоар на витамини.

Некаде кон крајот на минатиот век интересот за јапонските јаболка од Валандово се зголемува. Почнуваат да доаѓаат трговци кои го купуваат и го носат на пазарите надвор од Македонија. По хаваријата на нуклеарната центарала во Чернобил, големи количини јапонски јаболка биле откупени од украинските трговци, бидејќи во него има големи количини селен, кој е познат како силен антиоксиданс. Тоа било најголемата причина за омасовување на производството.

По првиот голем бран побарување на валандовското јапонско јаболко, насадите се повеќе се зголемуваат, а годишното производство изнесува околу 15.000 тони. Иако ова производство во споредба со она во Шпанија, Израел и Италија е минорно, сепак, интересот за валандовската храна на боговите расте од година на година. Причина за тоа е што земјоделците од овој регион воопшто не употребуваат пестициди при заштитата на насадите од јапонско јаболко, бидејќи тоа се уште нема природни непријатели.

Види

Растението кое со мирисот ви дава подобра меморија

Испитите на универзитетите се се поблиску, а универзитетските истражувачи велат дека мирисот на рузмарин може …