Почетна / Градина / Вести / ИМЕЛИ – ПОЛУПАРАЗИТСКИ РАСТЕНИЈА

ИМЕЛИ – ПОЛУПАРАЗИТСКИ РАСТЕНИЈА

Имелите се полупаразитски растенија бидејќи од растението – домаќин ги користат неорганските материи, а со помош на зелените ливчиња и сончевата светлина сами произведуваат органска материја потребна за нивниот раст и развиток.

Во Република Македонија се утврдени три видови полупаразитски имели кои како домаќини ги користат широколисните и иглолисните растенија.

Имелите ги паразитираат физиолошки ослабените стебла, односно претставуваат секундарна појава. Иако овие полупаразити почесто се среќаваат кај шумските дрвенести растенија и не ја загрозуваат урбаната дендрофлора, сепак може да се забележат како паразитираат на зелени површини односно дворови на викендички и вили во периурбани средини, најчесто на дрвни видови соодветни на околната вегетација.

ИМЕЛА (Viscum album)

Имелата е зимзелен полупаразит. Претставува мала грмушка со заоблена форма, со спротивно распоредени елипсовидни ливчиња, цврсти (кожести) и со светло зелена боја. Гранчињата се зелени. Цветовите се мали, најчесто во пар, во пазувите на ливчињата што се наоќаат при врвот. Цветањето се одвива напролет. Имелата има плодови во топчест облик. Тие се неугледни, ситни и лепливи, бели или со бледо жолта нијанса. Созреваат наесен, а се распространуваат благодарение на птиците. Имено, оние плодови што нема да бидат изедени од птиците, паѓаат и се налепуваат на кората од стеблата. Со ‘ртење на семето тие се вкоренуваат во дрвото на домаќинот (пуштаат т.н. хаустории). Оттаму ги црпат неорганските материи, а потоа, со помош на хлорофилот во нивните ливчиња и сончевата светлина, создаваат органска храна која ја разнесуваат до сите клетки на имелата. Кај нас се најпознати вариететите кои паразитираат на стеблата од иглолисните дрвја, особено на елата (Abies borisii regis), како и во крошните на белиот (Pinus sylvestris) и црниот бор (P. nigra).

ДАБОВА ИМЕЛА (Loranthus europaeus)

За разлика од претходниот вид имела, дабовата имела е листопадна полупаразитска грмушка. Ливчињата се темно зелени, јајцевидни или со издолжена елиптична форма. Гранчињата се темносивкасти и кршливи. Цвета напролет, по пролистувањето, со мали бледозеленкасти до жолтеникави гроздести соцветија.

Плодовите се ситни и издолжени во облик и боја на крушка, со леплива материја. Зрели се наесен или во зима. Се распространуваат слично како и претходно споменатата имела, со птици. Во Македонија, оваа имела се забележува најчесто врз дабовите (Quercus spp.) и костеновите стебла (Castanea sativa).

СМРЕКОВА ИМЕЛА (Arceuthobium oxycedri)

За оваа имела е карактеристично тоа што се разликуваат машки и женски единки, поточно се работи за дводомен вид. Смрековата имела претставува мало зимзелено полупаразитско дрвенесто растение, со игловидни лушпести ливчиња и многу мали цветови и бобинки.

Интересно е што со помош на хидростатскиот притисок кој го создаваат анатомските делови на имелата, лепливиот плод се исфрла за да може да се залепи на некое стебло, а потоа да ги вкорени хаусториите и да започне со својот раст и развој како нова индивидуа. Кај нас смрековата имела е најчеста на црвената смрека (Juniperus oxycedrus), а понекогаш се јавува и кај модрата смрека (J. communis) и многу ретко паразитира на смрделиката (J. sabina).

(слика 1) Имела (Viscum album ssp. abietis) паразитира на македонски ела (Abies borisii regis) – habitus
(слика 2)дабова имела (loranthus europaeus) на даб благун quercus pubescens – habitus
(слика 3)дабова имела (loranthus europaeus) на даб ploskach quercus frainetto – несозреан плод и ливчиња
(слика 4)смрекова имела(arceuthobium oxycedri) паразитира на црвена смрека juniperus oxycedrus – habitus
(слика 5)смрекова имела (arceuthobium oxycedri) паразитира на смрделика juniperus sabina – habitus

Текстот е превземен од „Порта 3“
Текст и фото: м-р Бојан Симовски
Катедра за ботаника и дендрологија
УКИМ Шумарски факултет во Скопје

Види

Акорус (Acorus gramineus)

Акорус (Acorus gramineus) e декоративнолистно растение кое потекнува од семејството „Araceae“. Ова растение потекнува и …