Почетна / Градина / Вести / Есенски украсни дрвја и грмушки со жолти нијанси

Есенски украсни дрвја и грмушки со жолти нијанси

Наесен природата навистина наликува на шарен ќилим распослан околу нас.

Посебен есенски украс претставува дрвенестата растителност којашто токму во овој период од годината изобилува со разновидност од нијанси и широк спектар на допадливи бои.

Есента е сезона кога најголем дел од дендрофлората застапена во Република Македонија го завршува вегетацискиот период – одрвенува, ги отфрла асимилациските органи и се подготвува за мирување.

Така, во лисјата се намалува активноста на хлорофилот, поради помалото количество на сончева светлина, за сметка на останатите пластиди и ензими кои се носители или активатори на бои различни од зелената- жолта, портокалова, црвена… Плодовите созреваат и стануваат дел од есенското шаренило од облици во најразлични бои.

ВИДОВИ СО ЖОЛТИ НИЈАНСИ

Јасен (Fraxinus spp.)

Во Македонија, јасените се среќаваат и како автохтони (домашни) и како алохтони (егзотични) видови, интродуцирани во урбаното зеленило. Црниот јасен (Fraxinus ornus), покрај тоа што е декоративен во периодот на цветање (напролет, за време на пролистувањето), заедно со другите јасени претставува одличен парковски украс во поглед на есенската боја на листовите. Во тој контекст, особено е интересен полскиот јасен (F. angustifolia), чија боја на сложените непарно перести листови може да има видливи различни нијанси- од жолта до темно црвена.

Воден габер (Carpinus betulus)

Претежно европски дрвенест вид (до Блискиот Исток), кој се сретнува на мезофилни месторастења. Има интересна усукана сиво пепелава кора (дебло), густа крошна, богата со разгранувања и лисна маса. Поднесува кроење. Плодовите се опфатени во триделни лушпи, од кои средната е најголема, надвиснати по гранчињата, особено изразени во периодот пред да опаднат заедно со лисјата. Така, пружаат извонреден поглед кон богато „украсената“ крошна на овој сѐ уште неисползуван декоративен бисер.

Ариш (Larix decidua, =L. europaea)

Иглолисна листопадна егзота со испрекинат ареал по планините на централна Европа. Аришот е изразено светлољубив вид дрвје и има ретка и провидна крошна. Игличките наесен добиваат силна жолта боја, по што опаѓаат. Шишарчињата се мали и многу декоративни, бидејќи се задржуваат на гранчињата и по листопадот. Меѓутоа, топлиот и сув воздух претставува ограничувачки фактор за неговиот раст и развој и распространувањето.

Гинко (Ginkgo biloba)

Реликтен егзотичен вид кој потекнува од источна Азија и има првенствено духовно значење, бидејќи е садено во храмови, манастири, гробишта и сл. Неговите дволачни изразено жолти лисја со паралелна и дихотомно разгранета нерватура наесен се вистински украс на провидливата крошна (поради светлољубивоста), која кај постарите стебла е најчесто широко заоблена. Сепак, поради појавата на дводомност, треба да се внимава при употребата на овој вид во озеленувањето, односно да се користат машките единки (во есенскиот период, „плодот“ при распаѓањето шири непријатна миризба).

Јудино дрво (Cercis siliquastrum)

Ги опфаќа подрачјата на источниот Медитеран. Претставува листопадна грмушка до мало дрво, забележителна напролет по прекрасните густи розови или бели цветови, распоредени по гранките или деблото (пред пролистување). Но, речиси тркалезните лисја наесен добиваат фантастична златно жолта нијанса, којашто одлично се надополнува со зрелите темно кафени привиснати мешунки.

Текстот е превземен од „Порта 3“
Текст и фото: м-р Бојан Симовски
Катедра за ботаника и дендрологија, УКИМ Шумарски факултет во Скопје

Види

За да имате јајца и во текот на зимата

Оставете 2-3 гнезда за положување на секои 10 кокошки Не е важно од кој материјал …