28.03.2024
Почетна / Градина / Вести / Есенски украсни дрвја и грмушки кои имаат црвени нијанси

Есенски украсни дрвја и грмушки кои имаат црвени нијанси

Наесен природата навистина наликува на шарен ќилим распослан околу нас. Посебен есенски украс претставува дрвенестата растителност којашто токму во овој период од годината изобилува со разновидност од нијанси и широк спектар на допадливи бои.

Есента е сезона кога најголем дел од дендрофлората застапена во Република Македонија го завршува вегетацискиот период – одрвенува, ги отфрла асимилациските органи и се подготвува за мирување.

Така, во лисјата се намалува активноста на хлорофилот, поради помалото количество на сончева светлина, за сметка на останатите пластиди и ензими кои се носители или активатори на бои различни од зелената- жолта, портокалова, црвена… Плодовите созреваат и стануваат дел од есенското шаренило од облици во најразлични бои. (слика 1 Огнена грмушка, курика (Euonymus alatus) – лист и семе.)

ВИДОВИ СО ЦРВЕНИ НИЈАНСИ

Црвен јавор, глувач (Acer obtusatum)

Природно е застапен во југоисточна Европа. Скромен е кон еколошките услови. При пролистувањето и наесен, лисјата добиваат црвеникава боја.

Црвен јапонски јавор (Acer palmatum ‘Atropurpureum’)

Ова малечко дрвце со црвена боја на листовите потекнува од Јапонија, а особено е интересно со формата со длабоко всечени ливчиња (dissectum), кое доколку не биде поставено на директно сончево зрачење, може повторно да ја врати зелената лисна нијанса. За нагласување е неговата потреба од постојано соодветно одржување.

Глог (Crataegus spp.)

Глоговите се претежно еколошки скромни видови, а препознатливи се по црвеникавите, портокаловите и црните плодови. Недостатокот за ползување како парковски вид се огледа во трнливите израстоци.

Руј (Rhus spp.)

Светлољубиви листопадни грмушки од автохтоно и алохтоно потекло, припадници на термофилните шуми. Нивните прости или сложени листови добиваат силна црвена боја, особено северноамериканскиот Rhus typhina.

Махонија (Mahonia aquifolium)

Егзотична зимзелена грмушка од западните делови на Северна Америка. Претставува комплетен парковски украс- почнувајќи од пролет, со густи жолти гроздести соцветија, групирањето на темно модрите бобинки со пепелава превлака во метличести соплодија на лето и поцрвенувањето на кожестите боцливи лисја наесен.

Црвенолисна џанка (Prunus cerassifera ‘Pissardii’) и црвенолисна јаболка (Malus ‘Atropurpureum’)

Кај овие листопадни дрвца се познати и голем број вариетети со црвеникави и пурпурни ливчиња преку целата вегетациска сезона.
Во овој преглед се наведени само мал дел од домашните и странските видови дрвенести растенија што се карактеризираат со декоративни својства во овој период од годината. Можеби за повеќето споменати дрвја и грмушки во Македонија, како дел од шумската вегетација или пак како видови за озеленување на урбани простори, воопшто и не сме размислувале дека претставуваат само едно парче од мозаикот за составување на целосниот есенски пејзаж. Еве уште еден интересен податок: евлите (Alnus spp.), како дел од крајречната македонска дендрофлора, доцна наесен ги отфрлаат лисјата целосно зелени и за многу кус временски период!

Текстот е превземен од „Порта 3“

Текст и фото: м-р Бојан Симовски
Катедра за ботаника и дендрологија, УКИМ Шумарски факултет во Скопје

Види

Kаква тајна крие оваа глутница со волци?

Првите три волци кои одат по снегот се и трите најстари, најболни и најспори членови …