20.04.2024
Почетна / Градина / Декоративни ползечки растенија

Декоративни ползечки растенија

Видовите што сами се прилепуваат не зависат од подлогата и може да се распространуваат со помош на дополнителни воздушни коренчиња кои ги прилепуваат до каква и да е површина- вертикална или хоризонтална. На тој начин, се формира таканаречен зелен ѕид или зелен килим.

Такви ползавици се бршленот (Hedera spp.), (слика 2), партеноцизусот (Parthenocissus quinquefolia, P. tricuspidata) (слика 3). Видовите, пак, што се испреплетуваат околу поткрепата се повитот (Clematis spp.) (слика 4), анамски раце (Lonicera caprifolium), како и видовите од родот Wisteria, кои со своите привиснати крупни и гроздести виолетови соцветија се извонредни за создавање на таканаречен растителен тунел во правец на патеките во градината или за засена на паркиралиштето во дворот. Сличен вид е доброцветот (Laburnum spp.), со жолти соцветија, па во комбинација двете ползавици претставуваат незаменлив и несекојдневен градинарски украс.

Декоративните лози (Vitis vinifera) и Passiflora spp. се прикрепуваат со помош на нивните „мустачиња“. Најчесто се ползуваат за вертикално декорирање на помали ѕидови или огради поради побавниот растеж, а ако кон нив се придодадат и Bougainvillea sp., Ipomoea sp., трубестата ползавица (Campsis radicans) или ароматичните повити, се добива фантастичен колорит преку целата вегетациска сезона.

Во зависност од еколошките услови, како градинарски ползавици може да се користат и некои грмушести видови, како што се мушмулките со нивните култивари (Cotoneaster spp.), Lonicera spp., јасминот (Jasminum spp.) и други.

Исто така, дел од декоративните ползечки растенија претставуваат и познатите актинидии (Actinidia spp.), кои спаѓаат во групата на плодно-декоративни ползавици, како и хмељот (Humulus lupulus), кој на ова поднебје има буен раст.

Во однос на негата и одржувањето, споменатите ползавици се скромни кон еколошките услови, па така се и економични како градинарски растенија. Сепак, доколку навремено не се контролира нивниот раст, често може да се случи да ги прераснат површините на кои се прикрепуваат. Меѓутоа, со повремено поткастрување, ползавците едновремено се освежуваат и збогатуваат со нова лисна маса, цветаат продолжено и полесно се одржуваат.

Текст и фото: м-р Бојан Симовски Катедра за ботаника и дендрологија УКИМ Шумарски факултет во Скопје.

Види

Био храна која треба да се купува

Органските овоштија и зеленчук се омилени поради еколошкото потекло и недостатокот на штетни хемикалии. Специјалистите …