29.03.2024
Почетна / Градина / Декоративни грмушки како зелена покривка

Декоративни грмушки како зелена покривка

Декоративните грмушки, кои може да се употребат за природна зелена покривка врз земјата во градината, вршат повеќекратна функција: декоративна, со своите различни лисни форми и бои преку целата вегетациска сезона и плодовите за време на целата година, како и еколошка, односно заштита на почвата од изразено измивање на падини, подобрување на водно-воздушниот режим, збогатување со органски материи и механичко филтрирање на честичките од прашина.

Предложените украсни грмушки првенствено се економични за нега и правилно одгледување. Може да се сретнат речиси во сите производствени капацитети за декоративен саден материјал во Република Северна Македонија, а дел од нив се присутни во македонските дворови уште одамна и може да се каже дека се традиционални растителни дворни украси.

Сите видови се отпорни на аерозагадување, па поради тоа се користат како вистинска освежувачка декорација во булеварското и блоковското зеленило во поголемите урбани средини кај нас и во подрачја во светот со слични климатски карактеристики на оние што преовладуваат во нашата земја.

Користењето на декоративни грмушки за покривање на површини под земја не е непозната активност во озеленувањето кај нас, но во последните години добива сe поголема употребна вредност.

Имено, со соодветен избор на декоративни грмушки според нивните морфолошки и еколошки карактеристики – декоративни по формата на надворешниот изглед и надземните органи (листови, цветови, плодови), отпорност на надворешни влијанија (долготрајни суши, ниски температури, силни ветрови), развивање на плиток, но разгранет коренов систем, како и особености кои укажуваат на нивната скромност во негата и одржувањето – поретко закројување, постапно, но релативно брзо надополнување на лисната маса, продолжено цветање со лесно отстранување на прецветаните органи и можност за едноставно генеративно или вегетативно размножување, ги искачува овие дрвенести видови на првото место по декоративната и еколошката хортикултурна вредност.

Тоа доаѓа до израз особено на места каде што не е од голема полза засадување на дрвја (во потстојниот кат, односно под поголеми дрвја или онаму каде што почвениот профил не е доволно длабок), како и на падини или до рабовите на градината (хоризонтални и вертикални).

За разлика од тревестите декоративни видови, украсните грмушки со засадување и заземање на просторот над почвата многу брзо го „прекриваат“ и плевелот околу нив, така што со својот низок и разгранет раст му помагаат на градинарот во совладување и отстранување на несаканите природни појави, иако станува збор за вештачки подигната зелена површина. Тоа дополнително е изразено доколку станува збор за зимзелени грмушести видови, кои со своите прилегнати форми преку целата година не му дозволуваат на семето од плевелот да има пристап до светлина и вода, односно хранливи материи.

Во однос на подготовка на почвата за засадување, грмушките се многу скромни, бидејќи обично прекопување со длабочина на ашов или мотокултиватор е сѐ што им е потребно. Не е потребна посебна обработка на почвата, а пак ако се работи за контејнерски садници, единствената работа е ископување на дупки на соодветно растојание за засадување, бидејќи контејнерските садници имаат оформено симбиотски односи со бактериите или габите во и околу кореновите влакненца во садовите во кои се развиваат.

По процена на стручно лице, особено ако станува збор за видови со бавен раст, почвата по засадувањето може да се наѓубри и покрие со најлонска прекривка и/или стерилизиран мулч (толченик, ризла, песок, дрвен чипс и слично). Негувањето е многу едноставно, и се врши со поткастрување на престарените гранчиња или закројување поради згуснување на грмушестиот зелен покривач.

Текст и фото: Д-р Бојан Симовски, Доцент, Катедра за ботаника и дендрологија, УКИМ Шумарски Факултет, Скопје

слика 1 “Coronilla Emerus ssp emeroides” Заечка;
слика 2 ” Thymus sp” Мајчина душичка
слика 3 “Santolina sp”

Види

Ако видиш смрдливка НЕ ЈА УБИВАЈ! Погледнете што значи тоа!

Ние веруваме дека на многу луѓе им пречат некои инсекти кои влегуваат во вашиот дом, …