19.08.2022
Почетна / Градина / Боров резач (Polyphylla fullo)

Боров резач (Polyphylla fullo)

Polyphylla fullo или Боров резач е тврдокрилец (ред: Coleoptera) од семејството Scarabaeidae, а припаѓа на подсемејството Melolonthinae.

Истовремено е најкрупен европски претставник од ова подсемејство чија должина на тело може да достигне до 40 мм. Неретко го нарекуваат и „Мермерен бумбар” поради карактеристичните темнокафени – бели шари (и сл. варијации на обојување) на неговите покрилци (elytrae).

Биогеографски, ги населува териториите на Палеарктикот, речиси космополитен вид со поголема застапеност на терени со песокливи подлоги со вегетација составена од иглолисни или мешани термофилни шумски заедници како во Северна Америка, Европа, па се до Кавказ.

Имагото (возрасната единка) најчесто се храни со боровите иглички, но често го напаѓа багремот и леската, додека тополата и буката помалку. Ларвата е полифагна и на нејзиното мени се корењата како на дрвенестите, така и на тревестите растенија, па некогаш кога се јавуваат масовно, можно е цели растенија да пропаднат. Во текот на денот, имагото е поактивно околу самрак или час – два после зајдисонце кога мажјакот ја бара женката за парење. Во тоа му помагаат специфичните лепезовидни широки антени составени од 7 – 8 ливчиња и за разлика од женката (чии антени се од 5 ливчиња), кај мажјакот се доста поголеми.

Женката за да биде полесно лоцирана, ја користи стридулацијата (испуштање на звуци со триење) и феромоните испуштени во воздухот. Исто така, мажјакот е помал од женката, посебно во делот кај абдоменот. Спарувањето најчесто се одвива во крошните на иглолисните дрва и веднаш по тоа, женката ги положува оплодените јајца во однапред подготвени комори во песокливата почва на длабочина од 15 до 30 см. недалеку од стеблата.

Околу крошните на дрвата, почесто летаат мажјаците, додека женките се попасивни и скриени се меѓу гранчињата. Женката откако ќе биде оплодена, во зависност од условите, во следните неколку дена може да положи од 25 до 40 јајца и после тоа умира. Ларвите се изведуваат по 1 месец и потоа се развиваат неколку години (обично од 3 до 4 години).

Во последната година од нивниот развиток, тие се хранат најитензивно и неретко зад себе оставаат пустош од вегетацијата. Ларвата е крупна, со силно развиен апарат за грицкање и може да достигне должина до 80 мм. Нејзината телесна форма е во типичен „С” облик како кај сите претставници од семејството Scarabaeidae. Истата година во мај месец, ларвата се преобразува во кукла во нејзината комора која подоцна ја напушта како возрасна единка.

Polyphylla fullo преку година може да се сретне од крајот на јуни до крајот на август и лесно се забележува по неговата големина, убавина и гласното зуење со крилцата. Тој е солиден поленизатор кој ги опрашува растенијата посетувајќи ги за време на вегетациската сезона. Неговата популација често е мета на паразитизам од страна на некои видови муви од семејството Tachinidae и од Мамутската оса (Megascolia maculate flavifrons; Scoliidae) чии ларви се исхрануваат со ларвите на Polyphylla fullo.

Сличен вид на Polyphylla fullo е Polyphylla olivieri, а сродни се: P. decemlineata и P. barbata. За време на минатогодишната теренска акција која се реализира на пл. Караџица, беа собрани 2 единки од овој вид (1 машка и 1 женска индивидуа) во близина на врвот Солунска Глава (2540 м.н.в.), односно планинарскиот дом Караџица (1450 м.н.в.). Во некои европски држави постојат иницијативи да се стави под заштита на национално ниво.

Извор: Истражувачко друштво на студенти биолози (ИДСБ)

Види

Неговата душа e полна со љубов: Тој стигна од Калифорнија до Њујорк за да спаси питбул (Видео)

Кога душата ти е полна со љубов: Тој извозе од Калифорнија до Њујорк за да …