Почетна / Градина / Бегонија – цвеќето со најатрактивните цветови

Бегонија – цвеќето со најатрактивните цветови

Таа настанала со вкрстување на повеќе видови кои потекнуваат од Боливија и Перу. Се одгледува најчесто поради крупните и многу убави дупли цветови во повеќе бои: бели, црвени, розови, жолти, портокалови, како и разни нијанси на овие бои. Инаку, во зависност од видот, цветовите се со различни големини и облици, а листовите се големи, со неправилен облик и светлозелена до темнозелена боја. За ниски бегонии се сметаат оние кои достигнуваат висина од 20 до 30 см, а пречникот на цветовите е помеѓу 4 и 6 см. Средната бегонија е со висина од 25 до 30 см и пречник на цветови од 6 до 8 см, додека големата, begonia tuberhybrida grandiflora, достигнува висина од 40 до 60 см, па и повеќе, а цветовите имаат пречник од 8 до 16 см. Освен овој вид, се одгледува и begonia forma pendula (висечка бегонија) која е со поситни, но побројни цветови.

На бегонијата најмногу и одговара место заштитено од директно влијание на сонцето, но со многу светлина. Таа сака обилно полевање, но водата не смее да се задржува во садот. Раскошно цвета во текот на целото лето, па дури и во есен, ако се полева на секои 14 дена со минерално ѓубриво. Ако бегонијата се одгледува во затворен простор, се случува да и паѓаат листовите и цветовите. Причина за ваквата појава е недостаток на свеж воздух или недоволно светлина. Ова растение не сака преместување од едно на друго место. Не треба да се чува на јужната страна на балкон или прозорец – повеќе и одговара источната страна. При крајот на есента треба постепено да се намали полевањето на бегонијата така што храната од листовите преминува во луковицата.

Кога ќе почнат да жолтеат листовите треба да се отсече горниот дел, а луковиците да се стават во картонска кутија наполнета со тресет и да се чуваат на темен простор на температура не пониска од 8oC. На почетокот на февруари може да се посадат во саксии и да се одгледуваат во затворен простор до крајот на април, а потоа да се извадат на балкон, тераса или во двор. Бегонијата е само едно од многубројните видови растенија кои ни ги разубавуваат градините и терасите, а за да ја задржиме нејзината убавина и долготрајност, треба добро да се грижиме за неа, посебно во жешките летни денови.

Автор: Бети Јаневиќ

Извор: ФФРМ

Види

Градини за мал простор: идеи како да имате мала, убава градина (Фото)

На фотографиите подолу можете да видите дека не вие потребна површина за да имате убава …