Името потекнува според една легенда, во која се кажува дека на некој ангел му се сонило за Аглеликата како растение кое ќе ја излечи чумата (тогаш смртоносна болест), па според тоа е наречена Ангелика или Архангел.
Народот оттогаш ги користи сите делови од растението, верувајќи дека ќе им помогнат против лошите духови и вештерки. До ден денешен е позната како “The Root of the Holy Ghost”.
Царство: Plantae Angelica sylvestris
Тип: Pteropsida
Оддел: Angiospermae
Ред: Asterales
Фамилија: Apiaceae
Род: Angelica
Најраспространети видови во Македонија: Angelica pancicii (Кавадарци, планините Пелистер и Ниџе), Angelica palustris (во Охрид), Angelica sylvestris (фото 1) (планините Беласица, Кожув, Пелистер и Даутица). Ангелика е двогодишно или повеќегодишно високо, крупно, ароматично растение кое расте од 4 до 6 метри, а може и повеќе. Има големи бели цветови.
Најчесто се наоѓа по влажни и ладни шуми, затоа што бара многу влажна почва. Листовите се темно зелени, поделени на три дела, а секој е повторно поделен на уште три дела. Долните листови се поголеми и можат да достигнат големина и до 2 матери. Коренот е разгранет, месест и дебел. Цвета во јули.
Ангеликата е растение кое се користи се почесто во алтернативната медицина. Главните лековити соединенија кои ги содржи се: етерични масла, валеричната и ангеличната киселина, ангелицин, скополетин и линолната киселина и други состојки, што ја прават корисна во лекувањето на настинка, грозница, кашлица и некои желудочни проблеми.
Лековитата суспензија направена од стеблото, коренот и семето, се користи против подуеност, како седатив или тоник. Ангеликата се користи и во случај на попречена менструација, а не е препорачлива да ја користат бремени жени. За Ангеликата се вели дека е зајакнувач на срцето, па затоа се препорачува да ја земаат постари лица. Таа има и моќно антибактериско дејство.
Коренот од Ангелика е официнелна дрога. Содржи: витамин B12, цинк, тиамин, сахароза, рибофлавин, калиум, магнезиум, железо, фруктоза, гликоза и многу други минерали; кумарини: ксантотоксин, императорин, умбелиферон, ангелицин, остол, архангелицин; етерично масло составено од јаглеводороди.
Се користи како диуретично и спазмолитично средство, како лек за болки во грлото- за гаргара, за раскупани усни- рагади, отоци, чешање и ревматизам, за третман на абдоминални нарушувања (флатуленција, лошо варење на храната, кркорење на цревата, болки во стомакот). Од коренот на Ангелика може да се направи тоник, кој се користи против акни, а пак правот од исушен корен со користи како инсектицид и пестицид.
При подолготрајно користење треба да се избегнува изложување на сонце, бидејќи фуранокумарините можат да предизвикаат фотодерматитис како резултат на хиперпигментацијата поради зголемениот број на меланоцити.
Изработил: Анета Костовска