Почетна / Градина / Видови погодни за озеленување на камени ѕидови

Видови погодни за озеленување на камени ѕидови

Камените ѕидови првенствено се подигнуваат на места каде што има издиференцирана разлика во падот на теренот, но и онаму каде што еден обичен ѕид за меѓа со соседот може да прерасне во вистинско цветно доживување.

Овие ѕидови се градат суви, односно камен – почва – камен (претежно со плочеста форма), а фугите претставуваат почвен супстрат за минијатурните видови што ќе ја красат оваа вертикална ѕидна градина. Имено, по изборот на камењата и нивната форма, како и составувањето на ѕидот, следува вкоренување на одбраните видови, поточно нивно вметнување во пукнатините.

Најсоодветен избор на видови за озеленување на камени ѕидови е оној со употреба на еколошки најскромните растенија, особено поради развивање на специфичен коренов систем со оскудното количество почва во пукнатините на камењата. Такви видови се чувар-куќа (Sempervivum spp.), македонска синоличка (Viola kosaninii), рамонда (Ramonda spp.), здравец (Geranium sanguineum) и други. Поголем дел од овие видови може да се искористат и за озеленување на поплочени површини.

Деталите околу каменестите делови стануваат уште подекоративни доколку се збогатат со мов (особено околу влажните делови – рабови на водната површина) и се појават лишаи. За озеленување на чакалишта/песочници, покрај дел од погореспоменатите видови, може да се употребат сукулентите, односно во најголема мера, кактусите.

Слики: Sedum sp.; рамонда и мов; лишаи; македонска синоличка; чувар куќа во цвет; чувар куќа;
Текст и фото: м-р Бојан Симовски
Катедра за ботаника и дендрологија
УКИМ Шумарски факултет во Скопје

Види

Дрвјата го имаат одговорот за енергијата

Чистиот извор на гориво е само едно ветување од научниците кои имаат мисија да ја …