19.04.2024
Почетна / Градина / Наводнување на дворните површини

Наводнување на дворните површини

Правилното полевање на растенијата, особено во пролетните и летните месеци, кога вегетацијата е во полн ек, е од суштинско значење за одржување на градините.

Затоа при проекција на една градина треба добро да размислиме кое растение каде ќе го посадиме.

Доколку се работи за помали садници, потребата за вода, секако, ќе биде поголема бидејќи коренот не е добро оформен и растенијата не можат да влечат вода од подлабоките слоеви на почвата.

Во последните години во нашите дворови е тренд да се садат зимзелени растенија од видовите на туја (thuja ocidentalis smaragd или thuja orientalis aurea nana), хамаципарис (chamaecyparis lowsoniana columnaris, elwoodii и сл.). Нивното наводнување треба да биде обилно, а многу битно е и оросувањето на иглата. Затоа треба рано наутро добро да ги истушираме.

Уште еден голем консумент на водата е и зимзелената магнолија (magnolia grandiflora galoniensis) која ја нарекуваат и „водопиjа”. Меѓу најзастапените украсни растенија во дворните градини, кои исто така сакаат обилно наводнување, треба да ги споменеме и хортензиите, рододендроните, божурите (hydrangea, rhododendron peonia). За разлика од нив, сукулентите (sedum, sempervivum и сл.), кои најчесто ги садиме во алпиниумите, не бараат многу вода, па дури може и да угинат ако ги наводнуваме премногу или ако почвата нема добро дренирање.

Доколку, пак, сакате вашиот двор да добие медитерански изглед, палмите како што се cikas revolute, fenix canariens buttia и сл.) ги вадиме надвор. Нивното наводнување не е обилно во почвата, но затоа пак туширањето на листовите е приоритет бидејќи тие бараат воздушна влага, т.е. ја земаат водата преку листот. Знаејќи дека секое растение има различна потреба за вода која со рачно полевање тешко се постигнува, најдобрата варијанта за полевање на дворните градини е системот за автоматско полевање кој не бара многу, а дава најдобри резултати – потребното количество на вода во вистинското време.

Инаку, најдоброто време за наводнување во летните месеци е утринското наводнување. Наводнувањето во вечерните часови е полошо, бидејќи листовите остануваат влажни, што е добра подлога за развивање на габични заболувања. За наводнување на поединечни стебла, цветни гредици и незатревени површини најдобро е аплицирање на водата директно со системот „капка по капка”. Најдобро е да се врши апликација на помали количества вода во подолг период бидејќи губењето вода со евапотранспирацијата е најмало, а се спречува и појако наводнување на плевелот.

Денес постојат многу фирми кои се занимаваат со производство и поставување на системите за наводнување, меѓу кои се: „Хантер Торо” (Hunter Toro) и „Реин брд” (Rain bird). За помало испарување на водата од почвата треба да се стави слој на мулч кој, исто така, спречува и претерана појава на плевелот, а влијае и на стабилноста на температурата на почвата. Како мулч може да послужат кори од дрво, вулкански камења, па дури и компост, но никако фолија бидејќи растенијата треба да дишат. Наводнувањето со автоматските системи најчесто се однесува на поголеми површини, т.е. градини и дворови. Растенијата на терасите најчесто се полеваат рачно, но и тука некогаш може да се користи систем „капка по капка”. Најчесто во жардиниерите садиме летен расад кој, доколку правилно се негува и наводнува, ќе нè дарува со обилен цвет.

Од сезонскиот расад, доколку терасата нема доволно сонце, го препорачуваме импатиенсот, кај народот познат како воденка. Самото име ја означува големата потреба за вода, па е препорачливо во големите горештини да се наводнува и два пати дневно (наутро и навечер). И останатите видови сезонски расади треба обилно да се наводнуваат, барем еднаш дневно.

Автор на текстот: Биљана Михајловска

Извор: ФФРМ

 

Види

Био храна која треба да се купува

Органските овоштија и зеленчук се омилени поради еколошкото потекло и недостатокот на штетни хемикалии. Специјалистите …