29.03.2024
Почетна / Градина / Вести / Малите земјоделски стопанства важен фактор за развој на земјоделството

Малите земјоделски стопанства важен фактор за развој на земјоделството

За Македонија имаат важна улога малите земјоделски стопанства поради: од една страна со доминантен дел во вкупната структура на земјоделските производни субјекти, од друга страна со постоењето на голема уситнетост на обработливите површини. Ситното земјоделско производство предизвикува голем број проблеми, главно во однос на недоволни можности за примена на нови технолошки решенија за обезбедување на добри земјоделски практики и сопствено ефективно еколошки прилагодено одржливо земјоделство. Дел од мерките од програмите за развој на селските реони треба да се насочуваат кон надминување на постојните проблеми кај малите стопанства, нивното преструктуирање и преминување кон модерни и конкуретно способни земјоделски единици.

Критериуми за мали земјоделски стопанства. Во стручната јавност се дискутира за критериумите и класификацијата на земјоделските стопанства по големина, бидејќи социјално-економските услови ги определуваат разликите во организационо-економската структура на одделни земји. Најчесто препорачани основни критериуми се: големина на користено земјоделско земјиште, еконопсмка големина, степен на пазарна ориентација, степен на ангажирана работна сила и друго. Прифатена е класификацијата на првите два критериуми, кои се широко раширени во ЕУ (Евростат) и кај кои има широк косензус – имено земјоделски стопанства со големина на користена земјоделска површина до 5 ха и до 8 економски единици се мали.

Улога и значење на малите стопанства. Компаративна анализа за значењето на малите стопанства за земјоделството во земјите членки на ЕУ покажува дека само во Романија делот на тие стопанства е повисок- над 99%, но нивните разлики се знатно поголеми, бидејќи стопанисуваат во над 62% од користената земјоделска површина. Во Унгарија, Латвија, Литванија, Словачка малите стопанства исто така имаат важна улога во нивното земјоделство (со учество на 90%). Кај некои постари од земјите членки на ЕУ (Грција, Италија, Португалија) исто така се забележува големо значење на малите стопанства чиј дел во структурата учествува со 70%.

Во Македонија, значењето на малите стопанства е особено големо, бидејќи средната големина на едно стопанство е 1,85 ха, но 58% од земјоделските стопанства располагаат со помалку од 1 ха. До 5 ха површина користат 97,0% од вкупниот број стопанства, со 5-10 ха располагаат само 2% од стопанството, а над 10 ха- 1%. Карактеристиката на така малите земјоделски стопанства е дека се користи првенствено сопствен труд, голем дел од сопствениците се пензионери, производната структура е за сопствена консумација.

Социјално – економското значење на малите земјоделски стопанства за развој на земјоделството и селските реони може да се резимира во следните насоки:

– Помагаат за одржливо и интегрално развивање на селските реони. Имаат значење за развој на општините, за културното наследство и специфичните карактеристики. Тие стопанства овозможуваат деверификација за алтернативно вработување во локалната економија. Врз база на диверзификацијата во земјоделството во неземјоделските дејности (преработка, агробизнис, агротуризмот) и надвор од земјоделското стопанство придонесуваат за пораст на економијата

– Имаат важна социјална улога, делуваат како социјална заштитна мрежа која обезбедува преживување на многу луѓе и ги дополнува приходите на семејствата, а познато е дека безработицата во селските реони е највисока, а доходот најнизок.

– Имаат исто така важна улога во управувањето на земјоделското земјиште, заштита на животната средина, биолошката разновидност и ландшафт.

Малите стопанства, кои произведуваат само за задоволување на сопствените потреби – натурални земјоделски стопанства и стопанства со полупазарен стандард се карактеризира со:

-Ниско техичко и технолошко ниво на производство.

-Примитивен, недоволен и несоодветен фонд на зградите;

-Преовладува делот на рачен труд што води до висока трудоинтензивност;

-Ниско ниво на квалификација и остарена работна сила;

-Екстензивно производство;

-Подценета улогата на стручни кадри и ветеринарни услуги;

-Несоодветна и лоша состојба на техничката инфрастуктура;

-Неконкурентно производство поради ниска продуктивност, ефикасност и производност;

-Отежнат пристапот до кредитни средства;

-Ниско ниво кон пазарна ориентација.

Високите трансакциони трошоци за набавка на производните фактори и реализацијата на продукцијата не ги стимулира производителите да продаваат на пазар. Затоа е од особено значење кооперирање на малите стопаства заради полесен пристап до пазарот, но практиката покажува дека нема сопствена желба за формално обединување, а особено на полупазарните земјоделски стопанства.

Голем дел од нив немаат потенцијал и финансиски ресурси за производство со примена на современи стандарди за квалитет, за безбедна храна за хуман однос кон животните и др.

Можен заклучок. Политиката на Државата кон малите земјоделски стопанства треба да биде јасно дефинирана. На нив неможе да се гледа како на пречка за зголемување конкурентска способност на земјоделското, а акцент да се стави врз нивната улога за придонесот во создавањето на општественото благо. Националната политика треба да го стимулира здружувачкото и кооперирањето на производителите, градење на врски во системите на вертикална интеграција со финализаторите на земјоделската продукција. Стимулирање на пазарната ориентација за олеснување на пристапот до пазарот преку намалување на трансакционите трошоци. Зајакнување на општините кои треба да осигураат локални пазари и да им олеснат на малите стопанства за директна продажба, подобрување на локалната инфраструктура за олеснување на пристапот во реонот за директна продажба. Важен аспект на поддршката на малите стопанства е диверзификацијата. За нивниот опстанок ќе треба малиот доход од земјоделството да го надополнат од неземјоделските дејности. Тоа може да се оствари со развој на селските реони, кое ќе ги направи привлечни за неземјоделски активности и ќе оствари поголеми можности за вработување. Окрупнувањето, до оптимални големини на малите земјоделски стопанства по “природен” пат-купопродажба на земјишните капацитети, во наши услови може да трае педесетина и повеќе години, затоа приодот кон окрупнување преку разните форми на здружување е најбрз и целисходен пат.

За Фактор Проф.Др. Борис Анакиев

Види

Kаква тајна крие оваа глутница со волци?

Првите три волци кои одат по снегот се и трите најстари, најболни и најспори членови …