19.04.2024
Почетна / Uncategorized / МЗШВ: Континуирано се следи откупот на зелката и партнерскиот однос на земјоделците и откупувачите

МЗШВ: Континуирано се следи откупот на зелката и партнерскиот однос на земјоделците и откупувачите

Континуирано следење на состојбата со откупот и цените на пролетната зелка, како и на цените на овој производ на странските пазари, создавање на цврсто договорно производство – ова беа дел од заклучоците на денешниот состанок во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со производителите на зелка. На состанокот присуствуваа дел од поголемите производители на зелка, претставници од МЗШВ и од Владата на Република Македонија.

Производителите на зелка кои вчера излегоа на предупредувачки протест, посочија дека откупната цена на пролетната зелка сега е на задоволително ниво, но стравуваат дека може во следните денови да се намали.

Во моментов откупната цена на пролетната зелка е 30 денари за килограм. Земјоделците побараа оваа цена да се задржи во следните две недели, за да можат да ги покријат трошоците и да имаат рентабилно производство.

Пролетната зелка во моментов се извезува во Русија, Полска, Романија, Белорусија и Украина. Земјоделците посочија дека има голем интерес за откуп на зелката, и нема да има вишок.

Воедно, земјоделците побараа секојдневно да се следат откупните цени на зелката на странските пазари, и да се прават анализи, а потоа заеднички со откупувачите да ја договараат откупната цена, во интерес на двете страни.

Посебната советничка за земјоделство на премиерот на Владата на РМ, Ленче Николовска посочи дека континуирано се следи состојбата на терен, но паралелно се работи на долгорочна стратегија за обезбедување на сигурен пласман и откупни цени, како и на создавање на цврсто договорно производство помеѓу земјоделците и откупувачите.

МЗШВ ќе прави неделна анализа на цените на зелката на странските пазари, но и на побарувачката. Состојбата со откупната цена, ќе се следи континуирано, се со цел навреме да се преземаат мерки, а земјоделците да не трпат ценовни шокови. Паралелно, МЗШВ интензивно работи на развој на градинарството како земјоделски сектор преку субвенциите за мерките од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018, како и на промоција и отворање на нови пазари за македонските земјоделски производи. Со цел да одржи откупната цена на зелката на задоволително ниво, деновиве ќе одржи заедничка средба и со откупувачите на пролетна зелка.

Види

(ВИДЕО) ПРИСТИГНА СНЕГОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПЛАНИНИ: Студениот бран ја зафати цела Европа и регионот

Метео прогноза на Славчо Попоски: Студениот бран го зафати целиот Европски Континент, како и регионот, …