19.04.2024
Почетна / Градина / Вести / Ладниот бран критичен за лозјето, јаболката и оревите

Ладниот бран критичен за лозјето, јаболката и оревите

Промената на времето со поминувањето на ладниот бран од север над нашата Република со право предизвика вознемиреност кај земјоделските производители од опасноста од појава на мразеви особено овој викенд со температури кои на некои места ќе достигнат и -4 оС што е сосема доволно да го уништи родот. Ваквите температури се особено критични за виновата лоза, која во овој период започнува со потерување на ластари и почеток на формирање на цветови каде и температури од -0,6 оС можат да причинат штети.

Овошките во овој период, особено оние од јаболчестите видови, кои вообичаено цветаат покасно од коскестите, се исто така изложени на овој бран кој во голема мерка може да го уништи или намали родот, затоа што се во фаза почеток на формирање на плод или веќе формиран.

Исто така ова е период кога на повисоките места цвета оревот или е во почеток на цветање, фаза која е многу осетлива на негативни температури, каде и температури околу 0 оС може да предизвикааат оштетувања.

Секако во вакви состојби не се само температурите во центарот на вниманието, туку и местоположбата на насадот, експозицијата на теренот, почвените типови, надморската височина и времетраењето на периодот со такви температури и сл. така што и штетите би зависеле од сите овие параметри, со што на одредени места истите можат да предизвикаат само проретчување на родот што е најповолната варијанта, кога со проретчен род може да се добие ист квантитет, и со поголем квалитет.

Од климатолошки аспект погледнати ваквите временски состојби оваа година не се единствени забележани до сега, сме имале и многу покасно во пролет забележани и пониски температури од овие, така да апсолутните датуми на последна појава на мраз не се поминати на ниедно мерно место во Републиката со исклучок на Валандово, Гевгелија и Демир Капија. Само илустративно овој датум на последна појава на мраз за Скопје е 13 мај кога во 1978 година имало мраз.

Напишал: Ангелко Ангелески, Советник за агрометеорологија при УХМР
Извор: ФФРМ

Види

(ВИДЕО) ПРИСТИГНА СНЕГОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПЛАНИНИ: Студениот бран ја зафати цела Европа и регионот

Метео прогноза на Славчо Попоски: Студениот бран го зафати целиот Европски Континент, како и регионот, …